Трипуновски обвинува, а АХВ смирува, граѓаните јадат проверена и безбедна храна!?

129

АХВ не вршела никакви проверки за безбедноста на храната и речиси половина година граѓаните јаделе храна која можеби била целосно небезбедна за нивното здравје, изјави дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Речиси половина година, како што рече Трипуновски, АХВ немала склучено договор со Факултетот за ветеринарна медицина за лабораториски услуги за ветеринарно јавно здравје.

-Во овој период никој во државата не знаел каква храна јадат граѓаните. Дали јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, антибиотици и лош квалитет, јајца третирани со органофосфорни соединенија или имало можно присуство на ГМО-храна и биолошки контаминирана храна. Ова е катастрофална негрижа за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните, обвини дополнителниот заменик-министер.

Тој го повика Јавното обвинителство по допрен глас да отвори истрага и да утврди дали во наведениот период имало штета за здравјето на граѓаните.

АХВ реагираше на изјавата на Трипуновски и излезе со соопштение во кое се вели дека македонските граѓани јадат безбедна храна, а истата редовно се контролира од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна.

Минатата година од увоз и од домашното производство и промет, земени и лабораториски биле испитани биле вкупно 6.929 мостри само од храна од животинско потекло. Дополнително од увоз испитани се и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско потекло.

Апелираме до граѓаните да им веруваат на институциите кои се грижат за безбедноста на храната и храната за животни и да не подлегнуваат на лажните политикантски обвинувања со кои кај нив неосновано се креира страв и паника дека јадат небезбедна храна.