Македонија како винска земја со 24.000 хектари лозови насади се искачи на 25 место во светот. Најголемиот дел од производството е наменето за извоз, а само 10 проценти останува за домашните трпези.
И покрај тоа што во Македонија во постојан подем е производството на вино и отворање на нови винарници, сепак официјалната статистиката покажува дека полнолетен Македонец годишно пие едвај два литри вино.
Овие бројки се дел од податоците на Државниот завод за статистика за 2018 година каде што се вели дека полнолетните граѓани во земјава просечно испиле 1,9 литри купено вино. Статистиката беше објавена по повод денот на закројувањето на лозјето, Свети Трифун.
Статистичарите исто така пресметале дека суво десертно вино во шише на мало се продава по 368 денари за еден литар.
-Во текот на минатата година, произведени се 132.443 хектолитри бело и 125.216 хектолитри црвено вино во шишиња. Што се однесува пак за виното на точење произведени се 315.433 хектолитри црвено и 245.900 хектолитри бело вино – велат од ДЗС.
Најголемо учество во производство на винова лоза во земјава има Вардарскиот регион каде се отфатени околу 48,6% од вкупното производство. Потоа следува Југоисточниот со 34,5% опфатеност, Источниот со 5,8% и Скопскиот регион со 3,3%.
Во анализата се вели дека најголем дел од македонското вино наменето за извоз завршува на пазарите во земјите од ЕУ и тоа околу 66%,а само во Германија извозот е околу 34 проценти.
Во изминативе години во пораст е извозот на македонското вино во Кина. Во последните пет години во 2016 година е реализиран најголем извоз на македонско вино.
Неофицијалната статистика пак вели дека Македонските граѓани пијат многу повеќе вино, бидејќи многумина си прават сопствено, така наречено домашно вино. Со потрошувачката на овој вид на вино просечно секој Македонец пие по 20 литри годишно.
Интересен е податокот дека во една од највисоките земји во Европа, Франција драстично е намалена потрошувачката на вино. Според најновата Студија за потрошувачката на овој традиционален пијалок во земјата на виното, изготвена од француското Министерство за земјоделство, еден жител во просек дневно едвај пие по една чаша вино.
Така на француските трпези во последните пет години, сè повеќе има газирани и негазирани пијалаци, отколку вино. Оваа студија покажала дека дневно вино пијат само околу 17 отсто од жителите во Франција, што е голем пад наспроти 21 отсто пред пет години.
Земјоделските стручњаци сметаат дека причината за намалената потрошувачка на вино се должи на препораките на докторите,но и на промена на вкусовите на потрошувачите. Исто така бројките велат дека во 1980 година во Франција, виното се служело во просек на секој втор оброк, сега се послужува на секој четврти оброк.
Светското производство на вино нерамномерно
Климатските промени, најчесто пролетните мразеви и летните жештини директно влијаат на родот на грозје, но и на производството на вино. Во Франција конкретно времето негативно влијаело врз повеќето главни вински региони, вклучувајќи ги Бордо и Шампањ.
Според проекциите на ОИВ, кои ги исклучуваат сокот од грозје и ширата, италијанското производство на вино ќе биде намалено за 23 отсто на 39,3 милиони хектолитри, француското за 19 отсто на 36,7 милиони, а шпанското за 15 отсто на 33,5 милиони.
Проценките се дека потрошувачката ќе достигне 240,5 до 245,8 милиони хектолитри. Во која мера намаленото производство ќе влијае врз вистинската понуда и цените зависи од нивото на залихи од претходните години и квалитетот на виното во клучните вински региони.
Стагнира и производството на Соединетите Американски Држави, четвртиот по големина светски произведувач и најголем потрошувач.Таму производството би требало да достигне околу 23,3 милиони хектолитри.
Австралиското производство се очекува да порасне за шест отсто, на 13,9 милиони хектолитри, додека за Аргентина се предвидува производство од околу а 11,8 милиони хектолитри.
Во светската статистика сериозно се приклучува Кина каде што има рекордно производство од околу 11,4 милиони хектолитри.
Најскапото продадено вино во светот чини 260.000 евра
Виното се прави речиси во сите делови на светот, освен на Антарктикот, каде што климатските услови не се погодни за развој на винарството. Светските аналитичари согледале дека едно од најдобрите вина на светот чини околу 9 долари, односно нешто помалку од 7 евра. Многу сорти и типови на вино се наградени, но едно од најнаградуваните е розе виното Côtes de Provence Rosé, кое што во зависност од тоа каде се продава чини од 5 до 9 долари.
Најскапо продаденото е виното Château Cheval Blanc од берба од 1947 година. Тоа на аукција во Женева достигнало 304.375 долари или околу 260.000 евра.
Најстарото вино на светот е од сортата Jerez de la Frontera. Тоа е шпанско вино кое потекнува од бербата во далечната 1775 година, што го прави најстаро европско вино во светот од колекцијата „Massandra“. Останатите 5 шишиња се чуваат во музеј.
(В. Ма.)