Донесени клучните закони, Собранието пред распуштање ќе ја одржи 131. седница

32

Собранието денеска ги донесе законите за јавно обвинителство и измените на законите за Совет на јавни обвинители и за одбрана. Ја почна и 137. седница на која треба да биде распуштено, но таа е прекината и ќе продолжи откако претходно ќе се одржи 131. седница.

Седницата 135. на која требаше да се гласа по законите за ЈО и за измените на законот за Совет на јавни обвинители, почна со задоцнување од час и половина. Атмосферата при носењето на Законот за јавно обвинителство беше тензична. На почетокот на седницата кога првично беше ставен на гласање, 74 пратеници се изјаснија „за“, а 32-ца „против“. Претседателот на Собранието Талат Џафери го поништи ова гласање зашто претходно Лилјана Поповска процедурално побара збор, а и дел од пратениците се пожалија дека гласањето не им било евидентирано. По ова, законот повторно беше ставен на гласање и помина со 80 гласа „за“ и шест „против“ на што реагираше коодинаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски барајќи од Џафери да го поништи второто гласање.

– Срамота е ова што го правите. Криминалци. Ви побарав процедурално додека се обраќаше колегата Мухиќ и вие тоа го занемаривте. Немате право да повикате на поединечно гласање. Барам да кажете дека гласањето е неуспешно. Се понатаму што правите е кршење на Уставот, му рече Мицевски на спикерот Џафери и побара еден час пауза.

Џафери даде пауза, а ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која го нарече нелегално и криминално носењето на Законот за јавно обвинителство и порача престедателот Стево Пендаровски да не го потпишува. Мицевски, кој зборуваше на прес-конференцијата, рече и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат само на седницата за распуштање на Парламентот.

Собранието продолжи со работа по 135. седница и го донесе Законот за Совет на јавни обвинители, а веднаш потоа ја продолжи и 123. седница на која се донесоа и измените на Законот за одбрана. На овие две седници, ВМРО-ДПМНЕ, како што најави, не присуствуваше. Процедурално за збор пред гласањето на измените на Законот за одбрана се јави Нола Исмајлоска – Старова од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ за да ги потсети пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека ова решение е суштинско и со него државата ќе се усогласи со НАТО стадндардите. Ги повика и оние седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои гласале за служба во Армијата, да не бидат лицемерни и да го поддржат Законот.

Опозициските пратеници се вратија во пленарната сала кога почна 137. седница, за разрешување на Собранието која беше набрзо прекината. Спикерот Џафери објасни дека седницата се прекинува по барање на координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ да продолжи 131. седница со цел донесување на законот за аудиовизуелни услуги, законот за лични податоци и изменувањето на Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците.