Лидерот на ДУИ Али Ахмети е еден од пратениците чиј глас не бил регистриран при првичното изјаснување за Законот за ЈО, кога скорот беше 74 гласа „за“ и 32 „против“, така што недостигаа шест гласа за негово донесување. Меѓу пратениците од мнозинството за кои првично е регистрирано дека „не гласале“ се и Џевад Адеми од ДУИ, како и пратениците од коалицијата на СДСМ Лилјана Поповска, Самка Ибраимовски и Амди Бајрам. Сите тие гласале „за“ при повтореното изјаснување.
И при првото и при второто гласање, не е регистриран гласот на поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска. Таа е единствената од пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ затоа што гласаа за уставните измени, која не го притисна „зеленото копче“. Пратеникот Панчо Минов, за кого имаше информации дека се двоуми дали да гласа „за“, сепак, на крајот даде „виза“ за Законот за ЈО.
Поништувањето на првото гласање предизвика сомневања во јавноста за испраќање политички пораки и за политички маневри од дел од политичките субјекти. Сепак, од собранието велат дека „потфрлил“ системот и дека не регистрирал дел од гласовите.