Неконвенционалниот музички состав од Франција „Ана Кап трио” вечер од 20 часот ќе настапи во камерната сала на Филхармонијата со своето возбуливо „Траума шоу”.
– Во ова лудо и поетско шоу триото „Ана Кап” свири, пее, танцува и „распарчува” и ништо не е оставено на случајноста. Слушаме наизменични трогателни и хумористични моменти, со прецизност на швајцарски часовник. „Траума шоу” на француското трио „Ана Кап” е вистинско камелеонско, инспиративно патување во кое се комбинираат виртуозна музика, чудесна комедија и дадаистички песни, соопшти Филхармонијата.
Триото музичари го сочинуваат Пјер Миле (труба), Мануел Декок (виолина) и Жан Мишел Трото (хармоника).
– Тоа се тројца извонредни музичари: фасцинантен трубач кој по секоја цена покажува неизвесност, среќен хармоничар со биполарна тенденција и срамежлив и измачуван виолинист, кој се обидува, најдобро што може, да ја спаси фарсата, додава домаќинот на концертот.