„Кога ќе се крене завесата, сценографијата го кажува првиот збор“, ни посочи уметникот и сценограф Живојин Трајановиќ во разговорот, кој за весникот ВЕЧЕР го водевме во 2014 година, кога во галеријата „Мала станица“ беа претставени скици, слики и видеа по повод 40 години од неговото сценско творештво. Деновиве, шест години подоцна, е промовирана и монографијата „Сценографското дело на Живојин Трајановиќ“ од проф. д-р Владимир Величковски, а во Националната опера и балет јавноста има можност да ја види и изложбата од уметничкото творештво на овој академски сликар и сценограф за кој сценографијата е водилка на претставата.
„Сценографијата е универзална, кај неа нема нација и јазична бариера, нејзиниот збор може секој да го разбере“, вели Живојиновиќ, човек кој целиот свој работен век го помина придонесувајќи во процесот на поставување оперски и балетски претстави, создавајќи успешни и уникатни сценографски решенија.
Содржината на монографијата и изложбата, опфаќаат информации за творечкиот процес на Трајановиќ, како и идејни решенија за голем број претстави, презентирани во вид на скици. Концепциски е поделена на оперски, балетски и драмски дел. Монографијата има повеќекратно значење, бидејќи е документиран преглед за неговиот личен уметнички израз, 40-годишна плодна работа и истовремено сведоштво за голем дел и голем временски период од развојот на македонската сценографија. Со реализацијата на 29 сценографии за оперски и петнаесетина за балетски претстави, со неговиот уникатен пристап, соработка со реномирани македонски но и странски режисери, Живојин Трајановиќ, остава важен белег во работата на оваа институција и македонската сценска уметност – воопшто.
„Сценографијата е одело на претставата и ако знаеш да го направиш според намената, ќе можеш и да се носиш со сите барања“, ќе посочи Трајановиќ, чии сцени ги развеселуваа и бројните детски лица во претставите за најмладите.
Како и да е, за деца или за возрасни, сценографијата е магија која секогаш повторно воодушевува.