Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се во Париз на разговори за нашите европерспективи и новата методологија за проширување на ЕУ.
Османи и Димитров, според најавата од Секретаријатот за европски прашања, треба да имаат средби со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон.
Планирано се средби и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.
Во фокусот на разговорите ќе бидат европските интеграции на Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес, велат од СЕП.
Посетата на Париз на Османи и Димитров се случува во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.