Патеките и летниковците на велешко езеро „Младост” од годинава секојдневно ќе се одржуваат

197

Согласно новата програма за одржување на јавната чистота на територијата на Општина Велес за 2020 година, што вчера ја усвои Советот на 51. седница, годинава наместо како досега три пати неделно, патеките и летниковците кај велешко езеро „Младост” ќе се чистат секојдневно од страна на ЈКП „Дервен”. За првпат таму ќе биде поставен вработен кој ќе ги одржува во текот на целиот работен ден, а во саботите по пет часа.

Како што информира за МИА, Ненад Коциќ, претседател на Советот на Општина Велес, целта е да се придонесе кон поголема хигиена на патеките и летниковците, кои се најмногу посетени, а посебно за време на викендите.

– Воедно целта е да ја подобриме и хигиената покрај велешкото езеро, бидејќи таму во тек е изградбата на проектот „Смарт езеро Младост” со повеќе атрактивни елементи, со кој сакаме да привлечеме што повеќе туристи од земјава и странство, потенцира Коциќ.

Тој најави дека во таа насока Општина Велес годинава ќе постави и нови корпи за отпадоци и нови контејнери на нови локации кај езерото „Младост”.

Од Општината и ЈКП „Дервен” апелираат до граѓаните, посетители на езерото „Младост”, да ја разбудат својата заспана еколошка свест и отпадот да не го фрлаат насекаде по патеките и да не ја уништуваат животната средина, туку во корпите поставени за таа намена.

Воедно апелираат до некои од посетителите да го сменат хулиганското однесување и да не ги кршат и оштетуваат летниковците и другата урбана опрема покрај езерото, што досега за жал се случи во неколку наврати