Без никакви дилеми Мајк Тајсон е еден од најдобрите боксери во историјата на овој спорт. Како што многумина го нарекуваат „Железниот Мајк“ е најмладиот светски шампион во тешка категорија во историјата, а неговите удари беа страв и трепет за, апсолутно, сите боксери.
Денес, легендарниот боксер има 53 години, се занимава со одгледување на марихуана во Калифорнија, но сепак постои желба да се врати во рингот. Ова го откри познатиот боксер Шенон Бригс, кој е во одлични пријателски односи со Тајсон.
- Јас никогаш не би боксувал против Тајсон, тој е мој постар брат. Но, тој ми кажа дека сака уште да се бори, тоа беа неговите зборови, изјави Бригс.
Мајк Тајсон во последно време честопати беше повикуван од ВБЦ-шампионот во тешка категорија, Дионтеј Валјдер, кој тврди дека има посилен удар од Тајсон.
- Дали сте нормални? Тајсон би го победил Вајлдер. Само да го видите пред ринг, од страв ќе заборавите што сте тренирале и планирале, додаде Бригс.
Тајсон кариерата ја заврши во 2005 година со пораз од Кевин Мекбрајд, а во кариерата има 50 победи, шест порази и два поништени натпревари.