Некој мора да ми помогне!

159

Јувентус е ранет, а така ранет не бил во изминатите осум години во кои имаше апсолутна доминација во италијанската Серија А.

Дека тоа е така, потврди и вториот по ред пораз на гостувањата, вкупно трет за “старата дама“ во актуелната сезона. Откако доживеа два порази од Лацио, еден во италијанскиот Суперкуп, четата на Маурицио Сари загуби и на гостувањето во Верона (2:1).

Кристијано Роналдо постигна погодок и на десеттиот натпревар по ред, но Јувентус никако да направи некоја поголема бодовна предност пред Интер кој има ист број на бодови со „старата дама“.

Бранителот на тронот е во сериозна криза, а веќе за неколку дена го игра првиот полуфинален натпревар од Купот на Италија, против екипата на Милан, а за неколку недели е на програма дуелот против директниот ривал за популарното „скудето“, тимот на Интер.

  • Не смееме да ги губиме бодовите на ваков начин. Ќе излажам ако кажам дека сме само разочарани. Не сакам ниту да го коментирам првиот погодок на Верона. Знаевме дека ќе ни биде тешко, но имавме предност, не смеевме да загубиме. Верона заслужено дојде до пресврт и сакам да ѝ честитам, но ние сами се повлековме и затоа имаше пенал за противникот. Моментално има разлика помеѓу нашата игра на домашен терен и на гости. Разговаравме на оваа тема, но ништо не применивме на дело, изјави Сари.

Предводникот на Јуве јавно побара помош околу проблемот кој го има со своите фудбалери.

  • Ако главата не е на место, тогаш некоја тактика е лоша и нема да вроди со плод. Ако главата не е 100% внатре, тогаш телото не функционира. Затоа мора да поработиме на овој проблем, мора да поработиме на променливата игра која ја имаме во последниот период. Некој нека ми помогне при решавање на овој проблем, заврши Сари.

Убедливо, најголем проблем на Јуве е дефанзивната линија. Леонардо Бонучи и Матијас де Лихт не се на потребното ниво, Мерих Демирал е тешко повреден, а Џорџи Киелини сè уште се рехабилитира од тешката повреда на коленото.