Акционерите од „Топлификација“ бараат од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и МВР да ги објават фирмите кои биле вклучени во полутолинг моделот и во снабдувањето со гас на ТЕ-ТО. Во соопштението до јавноста оттаму велат дека повеќето од наводите од ТЕ-ТО се невистинити.
– Мораме да реагираме на една небулоза со која раководството на ТЕ-ТО сака да прикрие јавно признание изнесено во Планот за реорганизација на ТЕ -ТО кој е основен документ со кој му се отпишани 150 милиони долгови и е направена огромна штета на македонски фирми. Активноста која е предмет на анализа во Планот за реорганизација на ТЕ-ТО се реализира од 2014 до ноември 2017 година – велат од „Топлификација“.
Во дел од демантите на ТЕ-ТО деновиве се тврди дека полутолинг моделот им носел заштеди, а во Планот за реорганизација наведуваат дека кога го откажале договорот за снабдување на гас од посредник и кога го откажале полутолинг моделот направиле вкупна заштеда од 0,5 милиони евра месечно.
– Оваа јавно признание во Планот за реорганизација дека ТЕ-ТО трпело непазарни штети заради условеноста да купува гас од посредник и да продава електрична енергија по полутолинг систем во висина од 0,5 милиони евра месечно е причината да се постават прашањата: Кои се фирмите кои имале корист од штетите на ТЕ-ТО на месечно ниво од половина милион евра? Кои се сопственици на овие фирми? Колку месеци траело тоа оштетување на ТЕ-ТО? Колкава е вкупната штета предизвикана на ТЕ-ТО во овој период – прашуваат од „Топлификација“.
Инаку, рочиштето во Граѓанскиот суд Скопје 2 на кој требаше да се донесе одлука за ликвидација на „Толификација„ се одложи.