Федерер е нивниот миленик, но психата на Ѓоковиќ може сè да издржи

386

Легендарниот тениски тренер Никола Пилиќ, верува дека светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ може да го урне рекордот на Швајцарецот Роже Федерер по бројот на освоени грен слем титули.

Хрватскиот стручњак го тренираше српскиот тенисер во Минхен кога тој беше јуниор. Пилиќ истакна дека Доминик Тим играл одлично во финалето на Австралија опен, но Ѓоковиќ победил поради својата ментална сила.

-Ѓоковиќ се соочи со силен притисок во финалето на Австралија опен. Тој ја освои титулата и минатата година, а годинава знаеше дека ќе биде број еден, бидејќи Надал беше елиминиран. Тим го играше турнирот на својата кариера. Меѓутоа, Новак е Новак, тој секогаш може да игра најдобро под притисок. Не е важно за кого навива публиката, бидејќи неговата психа е толку силна што може сè да издржи, изјави Пилиќ.

Хрватот говореше и за односот на навивачите кон Ѓоковиќ.

-Западната страна, па и Виландер, на кого му се чудам, бидејќи беше број еден не го почитуваат доволно Новак. Најверојатно им оди на нерви, бидејќи некој од мала земја е број еден и има харизма. Федерер е нивниот миленик и тоа е во ред, но не е добро тоа што му го прават на Ѓоковиќ, додаде Пилиќ.

 Федерер е миленик на публиката и тоа е во ред, но не е добро тоа што му го прават на Ѓоковиќ. Не е важно за кого навива  публиката, бидејќи психата на Новак е толку силна што може сè да издржи, вели Хрватот

Тренерот на Србинот, Горан Иванишевиќ, неодамна кажа дека неговиот штитеник може да ги освои сите грен слем титули во сезоната. Но, со ова не се сложува Пилиќ.

-Горан има право да го каже тоа. Но јас не се сложувам со тоа, иако секогаш сум субјективен кога се работи за Новак. Морам да кажам дека Надал е секогаш прв фаворит на Ролан Гарос. Ако Ѓоковиќ игра во шеста брзина, секаде е фаворит освен на земја. Навистина е тешко да се добие Надал на земјена подлога, заврши Хрватот.

Новак во Мелбурн ја освои својата 17. грен слем титула, Федерер има освоено 20, додека Рафаел Надал една помалку.