Роден на 9 декември 1916, како Исур Данилович Демскиј, син на неписмени руски емигранти од Чавусија (денешна Белорусија), Кирк Даглас успеа да го исполни својот сон, стана легенда на златниот Холивуд, светски познат актер кој има одиграно некои од најпознатите улоги во историјата на светската кинематографија, од Спартак и Винсент ван Гог до Док Холидеј.
И покрај бурниот живот, хеликоптерска несреќа во 1991, кога за влакно ја избегна смртта и мозочниот удар во 1996, тој достигна длабока старост, а како што велат неговите најблиски, секогаш имал огромна страст кон животот, која не го напуштала до последен момент.
Веста за смртта на 103-годишниот актер вчера одекна во светот, а ја објави неговиот син, исто така познат актер Мајкл Даглас. Тој на социјалните мрежи напиша: „За светот тој беше легенда, актер од златната ера на филмот, но за мене и моите браќа тој беше само татко… Беше хуманитарец, чија посветеност на правдата и принципите во кои веруваше ни постави на сите нас стандарди кон кои треба да се стремиме. Ќе завршам со она што му го кажав на последниот роденден: ‘Тато, те сакам и горд сум што сум твој син‘, истакна Мајкл.
Токму Обединета македонска дијаспора на социјалните мрежи со фотографија од една од неговите хуманитарни мисии во 1947, се прости од Кирк Даглас.
На фотографијата е прикажан актерот со деца во Егејска Македонија. „Холивудската легенда Кирк Даглас, сликан околу 1947 каде што подарува училиштен прибор на дечиња во Егејска Македонија. Бог да го прости Кирк Даглас!“, стои во постот на Обединета македонска дијаспора.
Кирк Даглас своето руско име Исур го сменил во 1941 кога се приклучил на американската морнарица. Поминал само три години во војската пред да биде отпуштен поради повреда. Врз основа на специјална стипендија, тој се запишува на Американската академија за драмски уметности во Њујорк, каде што ја запозна Дијана Дил, која во 1943 станала негова сопруга. Тие добија синови Мајкл, кој стана актер и Џоел, кој работи како продуцент. Во 1951 се разведуваат, а три години подоцна, Кирк се жени со Ен Бајденс, со која има уште два сина, Питер кој беше во продукција и Ерик, кој глумеше до својата смрт во 2004.
Во брак со Ен беше повеќе од шест децении! Неговиот живот бил исполнет со афери со најубавите актерки како: Рита Хејворт, Марлен Дитрих и Џоан Крафорд, во една прилика изјавил: „Ако сакате да дознаете нешто за мажот, погледнете ја добро жената што ја избрал за сопруга“.
Иако ја започна својата кариера во радио и телевизија, како и во театар, неговото пријателство со колешката Лорен Бекол му дозволи да се пробие на филм. Таа го препорачала на Хал Волис за филмот „Чудната љубов на Марта Иверс“ (1946) и од тогаш неговата кариера е во подем. Даглас е познат по улогите во „Спартак“, „Патишта на славата“, „20 илјади лиги под морето“, „Битката кај ОК коралот“… Има играно во над 80 филма, пред да се повлече од филмското платно во 2004. Оскаровецот Кирк Даглас е роден во 1916 во Њујорк, а првата номинација за Оскар ја имал во 1949 година за филмот „Шампион“ приказна за боксот. Добитник е на почесниот Оскар за животно дело.
Во неговите мемоари, пак, какo што пренесуваат медиумите во регионот,тој ја опишува средбата со Јосип Броз Тито, кој испратил приватен авион по него! Кирк Даглас во Југославија бил во ноември 1964, кога во Белград разговарал со студентите на Филмската академија, при што бил воодушевен од студентите кои знаеја сè за неговите филмови.
„За време на ручекот со американскиот и британскиот амбасадор, прашав дали јас и мојата сопруга може да се сретнеме со Тито. Тие се двоумеа, а јас се извинив, излегов и го свртев бројот на неговиот кабинет. Следниот ден Тито по мене и мојата сопруга од Љубљана испрати приватен авион. Имавме ручек во неговата вила, пиевме вино и разговаравме за филмови. Тој ги сакаше вестерните, особено „Пресметка кај ОК коралот“, напишал Кирк Даглас во своите мемоари, во кои додава дека британскиот амбасадор не му верувал. „Ми кажа дека за прием кај Тито чекал безуспешно шест недели. Го прашав, а колку филмови Вие снимивте?“. (Д.Т.)