Атиџе Муратова, медарката од македонскиот документарец “Медена земја“ номиниран за Оскар, пред да отпатува во Лос Анџелес каде ќе присуствува на доделувањето на престижната филмска награда – ја стокми фризурата.
На фотографијата објавена од фризерското студио “Ив“ на која се гледа трансформацијата на нејзината коса таа изгледа и повеќе од задоволно.
„Атиџе од ‘Медена земја’ денес нè израдува со својата посета во нашето студио за да ја блеснеме за на Оскарите. Мораме да признаеме дека таа е најпрво една прекрасна личност со голема душа и харизма и и’ ја посакуваме целата среќа на светот. Беше пресреќна од фарбањето и фенирањето и ни рече дека сега ќе може да им парира на Бред Пит и Леонардо ди Каприо. Убав помин на Оскарите, медена наша, ни беше чест што те запознавме, те чекаме со статуетка и еден куп импресии“ – пишуваат од студиото.
Доделувањето на Оскарите годинава ќе се одржи на 9 февруари во Долби театарот во Лос Анџелес. Македонскиот документарец “Медена земја“ е номиниран во две категории за престижната награда – за документарец и за интернационален филм.