„Барселона пука по шевови“ е насловот на текстот кој го објави шпанскиот весник „АС“ во кој е опишана драмата која се случува во соблекувалната на каталонскиот гигант.
Истиот медиум открива дека пред неколку дена, за време на утринскиот тренинг, се случила и физичка пресметка помеѓу две ѕвезди, но не се откриени имињата на фудбалерите иако „АС“ тврди дека информацијата ја има добиено од сигурен извор од клубот.
Весникот кој важи за близок до најголемиот ривал на Барселона, тимот на Реал (М), додава дека останатите фудбалери ја спречиле физичката пресметка, но и понатаму има тензичен однос помеѓу „двете свети крави на Барселона“.
Дека атмосферата во таборот на актуелниот шампион на Шпанија е повеќе од лоша говори и фактот дека и на натпреварот против Леванте, фудбалерите на Барселона повторно не го примениле добро познатиот ритуал кој беше заштитен знак на каталонскиот гигант во изминатите неколку години. Веќе втор натпревар по ред, капитенот на Барса, Лионел Меси и неговиот заменик, Жерар Пике, не ги повикаа останатите фудбалери да направат круг на центарот од игралиштето.
На претходните натпревари, откако ќе беше направен кругот и откако сите ќе се гушнеа, Меси или Пике, имаа обврска да одржат мотивациски говор. На крајот од натпреварот, новинарите го прашаа новиот тренер, Кике Сетиен, зошто повеќе не се применува таквиот ритуал, но искусниот тренер изјави дека не знаел дека играчите тоа го правеле пред секој натпревар.
Јасно е како ден дека во Барселона не постои хемија помеѓу играчите, помеѓу играчите и тренерот, а медиумите открија дека постојат неколку причини за таквата ситуација. Срамниот начин со кој беше ставен крај на соработката со поранешниот тренер Ернесто Валверде е можеби најголемата причина, а исто така и неуспешните обиди за да се пронајде напаѓач кој треба да биде замена за тешко повредениот Луис Суарез.
Исто така, најрадикалните навивачи, но и дел од играчите, се разочарани од фактот дека Барса многу лесно се откажа од големите таленти Перез и Алена. Како капак на се дојде заслужениот пораз на гостувањето во Валенсија, после кој Барса ја загуби лидерската позиција во Примера дивизион која сега е во сопственост на вечниот ривал, тимот на Реал (М).