Македонскиот карикатурист, битолчанецот Блаже Докуле, по 10. пат е добитник на награда на престижниот Меѓународен фестивал за карикатури, кој секоја година се одржува во Сеул, Јужна Кореја. Тој е единствениот македонски карикатурист награден десет пати по ред, со шест различни награди во Сеул.
Годинава тој наградата ја добива за четири карикатури изработени на тема „Топло-ладно“.
„Во мојата петдецениска кариера сум учествувал на над 200 меѓународни и домашни фестивали на карикатурата. Мојата архива е исполнета со многу награди и признанија, а десеттата награда од Јужна Кореја посебно ми значи“, изјави карикатуристот Докуле по добивањето на веста од Сеул.
Сепак, како што вели, сите награди му се драги и претставуваат сатисфакција за неговата работа.
Инаку, на овој меѓународен фестивал во Јужна Кореја учествуваа карикатуристи од 60 земји од целиот свет.
Блаже Докуле на македонската јавност ѝ е познат и по своето учество на Меѓународниот фестивал за сатира и карикатура „Ин Виница веритас“, каде што беше и член на жирито.
Докуле до сега учествуваше и во Романија каде што исто така има добиено награда, и тоа специјална за карикатури изработени на слободна тема, а учествувал и на фестивалите за карикатура во Кина и голем број на други земји во светот.
На 20. Меѓународен фестивал за афоризам и карикатура „Струмица 2019“, Докуле има добиено бронзена плакета.