Предметот за 27 април е кај надлежен судија, на Груевски нема да му се суди

214

Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристоски и Владимир Атанасовски следниот месец седнуваат на обвинителна клупа како организатори на насилствата во парламентот или случај познат во јавноста како 27 април.  Од кривичниот суд потврдуваат дека предметот е веќе кај надлежен судија.

Обвинителката за организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, е сигурна во доказите против организаторите и за медиумите изјави дека во листата на сведоци на обвинителството, која треба да ја предаде на првото рочиште, има дел од учесниците во настаните на кои веќе им се пресуди за насилствата.

Обвинението не го опфаќа поранешниот премиер Никола Груевски. За него првично се водеше истрага, но беше запрена поради недостапност за органите на прогон. Сепак, неговите коментари не изостануваат на социјалните мрежи. На „Фејсбук“, Груевски обвинувањата дека дал инструкции за спречување на изборот на претседател на Собранието и оти го мобилизирал членството за насилен упад ги нарече лажни вести. Обвинителската Русковска не ги зема предвид неговите изјави.

Коментари за прифаќање на обвинението против организаторите од 27 април стигнаа од владејачката партија. Според нив судскиот процес значи дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад упадот во Собранието.

– Тоа се личности соработници на Никола Груевски, а денес соработници на Христијан Мицкоски, кој не само што не се огради од насилниците, туку тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ, но и неговиот ментор од Будимпешта до ден-денес јавно ги поддржуваат. 27 април е вистинското лице на режимот, вистинското лице на насилничката криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ, коешто продолжува и во ликот и делото на Христијан Мицковски, соопштуваат од СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ во обвинувањата од Бихаќка гледа страв од претстојните предвремени парламентарни избори.

– СДСМ е во паника која се зголемува како што наближува 12 април. Зоран Заев гледа дека граѓаните ги отфрлаат неговите деструктивни и криминални политики. Зоран Заев знае дека го очекува огромен пораз и затоа се обидува преку уште една политичка злоупотреба на институциите да ја намали разликата. Не е првпат Зоран Заев да дава наредби кон обвинителството и судот за политички прогон.

Русковска обвинителството и Кацарска судството може да измислат уште десетици процеси како 27 април или уште стотина пати да го амнестираат Заев за криминал, но тоа нема да ја спречи обновата на Македонија и правдата која доаѓа.

Според обвинението, Вељаноски, Јанакиески, Ристоски, Атанасоски направиле план како толпата насилно  да влезе во собранието и со тоа го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата. Истрагата покажа дека наредбите стигнувале преку телефон од Груевски од Виена, се праќале пораки преку мобилен до извршните комитети членството да биде на готовс, намерно се намалило полициското обезбедување, се координирале организаторите на протестите, а било донесено и оружје.  Според обвинителниот акт, Груевски бил во комуникација со Вељаноски за текот на изборот на претседател на Собранието.

За насилствата во собранието од 27 април, лани на затворска казна беа осудени вкупно 16-мина.