Кога купувате не давајте капар, ако се премислите може да не ви го вратат

Избегнувајте го капарот во договорите, не е законски регулиран и може да не ви го вратат. Од Државниот пазарен инспекторат, пак, велат дека кај стока за широка потрошувачка продавачите најчесто го враќаат капарот, освен ако меѓу двете договорни странки не е поинаку договорено

1966

Многу граѓани се нашле во ситуација кога дале капар за купување на автомобил, мебел, за изнајмување на стан, за купување на чевли, облека итн., а потоа се премислиле. Во Законот за облигациони односи стои дека капарот е гаранција за склучување на договор и лицето кое дало капар не може да се откаже од договорот оставајќи го капарот на другото лице, ниту тоа може да го стори другото лице со враќање на удвоен капар. Институциите со поделено мислење од Државниот пазарен инспекторат велат дека кај стока за широка потрошувачка продавачите најчесто го враќаат капарот, освен ако меѓу двете договорни странки не е поинаку договорено. Од Организација за потрошувачи, пак, велат дека капарот не се враќа и затоа ги советуваат граѓаните да го избегнуваат капарот при склучување на договор.

-Во најголем број случаи кога се работи за стока за широка потрошувачка продавачите го враќаат капарот. Така на пример од 10.000 поплаки капарот не бил вратен само во два-три случаи каде било невозможно. И онаму каде што продавачот не сакал да го врати капарот по реакција на пазарната инспекција, тој бил вратен, вели директорот Стојко Пауновски.

Тој појаснува дека за да биде вратен капарот потребно е да постои соодветен документ како фискална сметка, каса прими.

– Најчесто имаме поплаки од граѓани за даден капар за изработка на мебел, по што мебелот и по истекот на определениот рок не бил испорачан. За да се вратат парите од капар мора да постои договор или каса прими за дадените пари како капар, објаснува директорот на Инспекторатот.

Сања од Скопје, која вели дека дала капар од 1.000 денари за чевли потоа се премислила и од продавницата не сакале да ѝ ги вратат парите. Случајот го пријавила во Државниот пазарен инспекторат по што тие веднаш реагирале.

-Ми велеа дека немам никаков документ и дека капарот не се враќа. Меѓутоа јас имав каса прими, си ги знаев моите права како потрошувач и веднаш се јавив во Државниот пазарен инспекторат од каде ми рекоа дека грешката ќе биде исправена. Утредента отидов во продавницата и беше истата продавачка која не сакаше да ми ги врати парите. Сега со насмевка на лицето ми рече извинете што дошло до недоразбирање и ми посака убав ден, објаснува Сања.

Александар од Скопје сопственик на Агенција за недвижности вели дека капарот е институција која постои уште од турско. Кај нас нема законска обврска за давање на капар, но обично тој се смета за гаранција дека договорот ќе биде склучен.

– Кога се работи за недвижности капарот обично не се враќа, освен ако купувачот уште во текот на истиот ден не информира дека се откажува од изнајмување или купување на станот и наведе некоја сериозна причина за тоа. Кога купувачот ќе се откаже од купување на станот капарот се задржува со цел да се компензираат трошоците за изгубеното време и клиенти, вели Александар.

Игор од Скопје вели дека дал капар за купување на половен автомобил на еден автоплац, но во меѓувреме се откажал од купување на автомобилот и не го побарал капарот назад бидејќи немал документ со кој може да докаже дека дал пари.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија исто така потврдуваат дека доколку купувачот се откаже од купување капарот не се враќа. Токму поради тоа од ОПМ советуваат граѓаните да го избегнуваат капарот при склучување на договор.

– Постои разлика помеѓу капар и аванс. Доколку во договорот не стои дека се работи за капар, а купувачот оставил одредена сума на пари во тој случај се смета дека тоа е аванс. Доколку продавачот не го испорача предметот за одредено време, односно за над 30 дена треба да му ги врати парите на купувачот со камата. Висината на каматата е иста како за штедни влогови орочени на три месеци, велат од ОПМ.

Кај нас за разлика од другите земји од регионот ваквото авансно плаќање сè уште не е законски регулирано. (А.С.)