Агрономите советуваат да не се вршат агротехнички мерки кај овошките на ниски температури

147

Да не се преземаат агротехнички мерки кај овошните насади во услови на екстремно ниски температури. Сега е период кога овошките треба да мируваат, велат агрономите.

Од корист за насадите во моментов би било додавањето арско ѓубре.

-Рано е да почне резидбата зашто температурите не го дозволуваат тоа. Евентуалното кроење на овошките ќе доведе до измрзнување. Доколку, сепак, се прави, пожелно е да се почекаат температури околу нула степени целзиусови, објаснува Неџбедин Мемедов, агроном и раководител на Подрачната единица при Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството во Делчево.

Според него, арското ѓубриво се додава во радиус од 50 сантиметри околу коренот само ако овошките не се замрзнати.

-Ако почвата е измрзната, прихраната со арско ѓубриво треба да се одложи до првите поволни временски прилики, додава Мемедов.

Потенцира и дека арското ѓубре помага и ги штити овошните насади од измрзнување.

За да не се повторат минатите години кога поради измрзнување изостана родот во Пијанец, агрономите апелираат да се слушаат препораките на експертите, но и на Министерството за земјоделство.