Најмногу или една третина од православните жители на Тетово како домашна слава го имаат празникот Свети Никола, пишува во книгата „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“, од локалниот истражувач Дарко Гавровски. Тој во децениското истражување успеал да ги забележи сите семејства во градот кои празнуваат домашна слава.
– Во град Тетово вкупно 2.335 домаќинства слават домашна слава, односно патрон на домот. Од сите слави најбројна е Свети Никола, која ја слават точно 699 домаќинства, што е 29,94 проценти од сите куќни слави во градот, наведува Гавровски во неговата втора книга „Тетовскиот говор, енциклопедиски речник и граматика“, која наскоро треба да се промовира.
Првата негова книга е издадена во 2009 година и е наречена „Тетовски древности – Полог од Праисторијата до 7 век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај“.
– Големиот број податоци и информации од богатата историја на градот со децении ги имам собирано со цел да издадам што повеќе пишан материјал како оставштина за следните генерации – вели Гавровски.
Една од трите цркви во Тетово е посветена на светецот Свети Никола. Патрониот празник Свети Никола го празнуваат истоимени цркви и во три села: Теново, Теарце и Одри.