Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, очекува до втората половина на наредната година да започне изградбата на Универзална сала. Тој потврди и дека за изгледот на новата Универзална сала ќе биде распишан јавен конкурс, а во соработка со Сојузот на архитекти и Архитектонскиот факултет, ќе биде формирана комисија што ќе го води процесот за давање идејно решение на сосема нов објект што ќе ја продолжи симболиката што објектот ја има за градот
Почетокот на изградбата на Универзална сала најверојатно ќе чека да поминат изборите во 2020. Според најавите од Град Скопје, работите повторно се враќаат на почеток, ќе се прави ново идејно решение, а градежните активности ќе започнат во втората половина на 2020?! Како што изјавија од Град Скопје, обезбедени се средства од централниот буџет, при што ќе се формира комисија составена од членови на Асоцијацијата на Архитекти и членови од Архитектонскиот факултет кои ќе ги водат понатамошните постапки околу Универзалната сала, а предвиден е и нов конкурс за идеен проект.
„Согласно термините за спроведување на сите законски постапки, очекуваме градежните активности да започнат во втората половина на наредната година“, велат од Град Скопје. Оттаму потсетија и дека веќе постојат два постари проекти кои се несоодветни, како според содржината, така и според високите финансиски побарувања за нивна реализација.
Ова беше потврдено и од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој посочи дека идејното решение на новиот објект ќе ја продолжи симболиката за градот. „Во Градот Скопје постојат два смешни проекти, едниот е она „јајце“ проект, што мислам дека беше дури и предмет на исмејување на нормалниот, демократскиот дел од јавноста и проектот проширување на постојната Универзална што чини околу 17 милиони евра, но ниту ќе го зголеми капацитетот, ниту ќе го зголеми квалитетот на Универзалната“, додаде тој.
За весникот Вечер, пред извесно време изјава даде и директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, кој рече дека е оптимист дека 2020-та ќе биде годината кога ќе започне градбата на Универзална сала. „Повеќе од четири години салата е надвор од функција, што е голема болка на скопјани. Многу проекти, многу помпезни најави и на крајот – ништо. Главниот проблем е обезбедувањето на средства. Објектот е дотрајан и потребен е сериозен зафат. За изградбата или реконструкцијата ќе бидат потребни околу 2 до 3 години, а проценките се дека би чинело помеѓу 10 и 15 милиони евра. Министерство за култура годинава додели 500 илјади евра на Град Скопје за Универзална сала. Искрено се надевам дека во буџетите за 2020 ќе се одвои позначителна сума и конечно, ќе се започне долго најавуваната реконструкција или изградба на нова Универзална сала“, рече Аврамчев, кој посочи дека иако е неблагодарно да се прогнозира, сепак се надева дека на 13 ноември, 2023 година повторно ќе се отворат вратите на Универзална.
Од Министерството за култура, пак, изјавија дека во Предлог-буџетот за 2020 години ова министерство како капитални дотации за општините за инвестициски проекти обезбедува 160 милиони денари. „Распределбата на овие средства, по претходно донесени критериуми ќе изврши по донесената програма од Владата. Со таа одлука ќе бидат одредени општините кои ќе бидат корисници на овие средства. По донесувањето на програмата, Министерството ќе склучи договори за решенија за реализација на проектите“, посочија од таму, а за начинот и постапката на реализација на проектот- Универзална сала нè упатија во Град Скопје како инвеститор на овој проект.
Останува да видиме, дали во втората половина на наредната година ќе започне изградбата на Универзална, или пак, и таа ќе се претвори во долгонајавуваниот проект за трамвајот, кој доаѓа само пред избори.