Европскиот воздухопловен концерн „Ербас“ сака да го направи првиот авион со ниски емисии на гасови на јаглерод, кој треба да биде пуштен во сообраќај до 2035 година.
Извршниот директор на оваа компанија Гијом Фори во Хамбург рече дека авионот најверојатно ќе биде хибриден, што значи дека за негово движење би користел комбинација на класичното гориво и струјата, или како гориво би можел да користи некое климатски неутрално гориво.
Но, од компанијата велат дека развојот на потребната технологија се уште е на почеток, и во прашање е многу сложен процес кој ќе трае со години, можеби и децении.
Авионскиот сообраќај произведува 2,5 отсто од глобалните емисии на јаглерод диоксид. Од „Ербас“ сме свесни за својата одговорност и успеавме да ја намалиме потрошувачката на гориво по патник, благодарение на полесните авиони со посилни мотори, рекол Фори, и потенцирал дека еколошки прифатливите летови, се главниот приоритет на компанијата.