Ѓоко Танески со чалгиската тема за “Една љубов имам“

145

Македонскиот поп-рок пејач Ѓоко Танески и наш некогашен евровизиски претставник се сврте кон корените. Музичка инспирација најде во етномузиката. И не е ниту прв кој прави ваков пресврт. Тој деновиве ја промовираше новата песна насловена како „Една љубов имам“ со која познатиот охриѓанец покажува еден поинаков правец во музиката. Во начинот на музицирањето и својата изведба, па така од поп-рок водите запливува во еден подруг жанр кој може да се нарече етно-поп со фолк примеси, на моменти и џез елементи. Со “Една љубов имам“ е всушност првата песна од најавениот проект на Танески кој треба да биде заокружен со албум во овој стил во наредната 2020 година. Пилот-песната од новото видување на Ѓоко е на истиот композитор кој работи и со Каролина, битолчанецот Николче Мицевски, кој го направил и аранжманот.
Стиховите ги напишал самиот Танески. Зад видеото се потпишува сограѓанинот на Ѓоко, проверениот режисер Даниел Јовески. Спотот се снимаше на неколку различни охридски локации. Во овој убав спот главните улоги ги толкуваат моделите Марис Жолен и Мартин Нацевски. Идејата да сними нешто поразлично од другите поп-пејачи, Танески имал од поодамна. Сакал градски, чалгиски теми, карактеристично охридски кои многу се слушаат ширум Македонија, но со модерни аранжмани. Така и се случила соработката со Никола Мицевски и прекрасната „Една љубов имам“. Д.М.