Со свечена академија и со откривање на статуата на поранешниот американски претседател Вудро Вилсон пред општинската зграда, општина Чаир вчера ја одбележа 100-годишнината од Версајскиот договор, кој го означи завршувањето на Првата светска војна.
На настанот присуствуваше делегација од градот Стентон, на чело со градоначалничката Carolynw Dull, каде што е роден Вилсон, високи функционери меѓу кои: претседателот на Собранието, Талат Џафери, министри, заменици-министри, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како и претставници на дипломатскиот кор.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, потенцираше дека поставување на статуата е голема чест, бидејќи со тоа се обновува името на еден, како што го нарече, прагматичен политичар, кој не ја сакаше војната како начин на решавање на споровите.
– Овој интелектуалец од голем калибар го употребуваше мирот пред ароганцијата. Затоа е голема чест да го обновиме името и да го оставиме како наследство на идните генерации – истакна Ганиу.
Градоначалничката на градот Стентон, Carolynw Dull, истакна дека за неа претставува привилегија да се престојува во градот каде што е родена Мајка Тереза.
– Ве чувствувам како добри соседи иако сме оддалечени со километри -потенцираше Dull, која во знак на пријателство му предаде на Ганиу копија од клучот на градот Стентон, како и копијата од резолуцијата што Советот ја донел за продолжување и проширување на соработката со збратимената општина Чаир, со меѓусебна размена во областа на политиката, културата и социјалната заштита.
Во знак на благодарност градоначалникот Ганиу на градоначалничката на градот Стентон, Carolynw Dull и на претставниците од овој град им подари благодарници.
По завршување на свечената академија, во дворот на општината Чаир, градоначалникот Ганиу, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и градоначалничката на градот Стентон Dull ja отворијa статуата на Вудро Вилсон. А, обраќањата беа на албански јазик без превод.
(А.П.) – Фото: Н.Батев