Се враќа рамниот данок, а прогресивниот во наредните три години се става во мирување, најави вчера министерката за финансии Нина Ангеловска. Исто така, како втора важна мерка на Владата таа најави дека прагот за ДДВ обврзник од сегашните милион денари промет се покачува на два милиона.
– Во следните 36 месеци, стапката од 10 проценти ќе се применува на доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи, односно за оној доход за кој во сегашното решение е утврдена прогресија. Заедно со тоа ќе биде ставена во мирување и стапката од 15 проценти односно стапката од 10 проценти ќе се применува и за доход од права од индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, осигурување и друг доход, појасни Ангеловска на прес-конференција во Владата и рече дека даночните ослободувања нема да се менуваат и остануваат како што се во сегашното решение.
Ваквата одлука, како што појасни, се должи на резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот. Ангеловска оценува дека одложувањето на прогресивното оданочување нема да влијае врз социјалната реформа.
Се предлага и одложување за три години и на данокот на капитални добивки од хартии од вредност и на одредбата за данок на доход од камати од депозити.
– Причината поради која предлагаме одложување, пред сè, е резултат на потребата од нормативно уредување во делот на обврската за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот преку можностите кои ги овозможува технологијата, рече Ангеловска.
Таа нагласи дека Владата не се откажува од прогресивното оданочување, кое беше и еден од нејзините предизборни адути.
-Во Законот ќе остане членот за прогресивниот данок, но во наредните 36 месеци ќе мирува. Во тој период ќе се прават анализи и ќе има широка дебата. Сакаме да има извесност и една година пред стапување во сила на законот граѓаните да знаат што се носи, појасни Ангеловска.
Заедно со кревањето на прагот за ДДВ обврзник се намалува и рокот во кој обврзниците го имаат тој статус и тоа од сегашните пет на три години. Оние кои се регистрирани и обврзани на рокот од пет години, според сегашната регулатива, со одјава ќе можат да излезат од кругот на ДДВ обврзници.