Поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак, почина на возраст од 86 години. Веста за смртта на Ширак ја соопштија од неговото семејство, пренесува „France24“.
Ширак беше прв човек на Франција во периодот од 1995 до 2007 година, а него го наследи Николас Саркози. Пред да се пресели во Елисејската палата, како претседател на една од најмоќните европски држави, Ширак дури 18 години, од 1977 до 1995 година беше градоначалник на главниот град Париз. Покрај тоа, во два наврати (од 1974 до 1976 и од 1986 до 1988 година) беше и француски премиер.
Ширак политички се ангажираше во 1950 години како член на Комунистичката партија на Франција, но вистински пробив направи откако во 1962 беше назначен за шеф на кабинетот на премиерот Жорж Помпиду, кога благодарение на своите способности се здоби со прекарот Булдожер. Првата висока функција му беше министер за земјоделство, за потоа, на 41 година да стане премиер.
Од 1977 до 1995 година, Ширак беше градоначалник на Париз, а потоа го почна својот прв претседателски мандат и на оваа функција остана до 2007 година. Една од неговите најголеми политички реформи беше намалувањето на претседателскиот мандат од седум на пет години.
Ширак беше познат како еден од најголемите противници на војната во Ирак, поради што се најде на удар на американските и британските медиуми.
Во Франција го паметат како еден од главните заговорници за поголемо влијание на државата на економијата и пркосењето на многу западни политичари во тоа време.
Пред осум години парискиот суд го прогласи за виновен за ненаменско трошење на јавни средства во периодот кога беше градоначалник на Париз, поради што му беше изречена двегодишна условна затворска казна.
Путин импресиониран од Жак Ширак
Запрашан од кој современ политичар е импресиониран, претседателот на Русија Владимир Путин за британскиот весник „Фајненшел тајмс“ има изјавено дека тоа е Жак Ширак. „Во времето кога беше претседател, за секое прашање имаше свое мислење, умееше да го брани, а спрема партнерите секогаш се однесуваше со почит“, рече Путин, карактеризирајќи го Ширак како интелектуалец и вистински професор, но и како многу интересен и одмерен човек.
|