Како до социјална инклузија на лицата со попреченост во општеството

170

Тим на дефектолози при Посебното основно училиште – ПОУ „Маца Овчарова” од Велес под водство на дефектологот Зага Колодезни веќе 19 години преку едукативни предавања, проекти со драмски, ликовни работилници и колонии,културни и спортски настани за децата со посебни потреби, во соработка и другарување со другите ученици од редовни училишта, нивните родители, наставници, стручните служби и со учество на граѓани постојано работи на социјална инклузија на лицата со попреченост во општеството.

Како што потенцира за МИА, Зага Колодезни нивна континуирана и макотрпна насока е чекор напред во подигнување на инклузивната култура меѓу населението во земјата.

Со ликовни работилници и колонии до социјална инклузија

Во просториите на здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност” во Велес тимот дефектолози на ПОУ „Маца Овчарова” под раководство на дефектологот Зага Колодезни ова лето во рамките на проектот „Ликовен инклузивен караван” одржаа неколку ликовни работилници на кои учествуваа десет деца од редовните и пет деца од ПОУ „Маца Овчарова”.

Колодезни појаснува дека на овие работилници под менторство на ликовните педагози Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски, како и нејзините колешки дефектолози Марија Давчевска и Живка Панова Саздова, учесниците се запознале за творење со техниките сликање со акварел, водени и акрилни бои.Воедно изработувале и експонати со графичката техника, монотипии и моделирале форми и експонати со глина и гипс.

– Целта на проектот е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење со нивни врсници со нормален развој, потенцира Колодезни.

Децата со посебни потреби со неверојатен талент за творење и желба за другарување
Според дефектологот Колодезни, преку овие ликовни работилници и колонии се подобрува социјалната инклузија во општеството на лицата со посебни потреби.
Во детското одмаралиште „Мајски цвет” во Струга од 13 до 18 јули годинава се одржа првата инклузивна ликовна колонија насловена „Езерски убавини” на која учествуваа петнаесет велешки основци, десет од редовните основни и пет деца од Посебното основно училиште „Маца Овчарова”. Целта на проектот насловен „Ликовен инклузивен караван”, а во чии рамки се одржа и оваа ликовна колонија во Струга, е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење заедно со нивни врсници од редовните основни училишта, со меѓусебо запознавање и другарување.

Од моето 19 годишно искуство и секојдневниот контакт со оваа група на ученици,оценувам дека овие деца и млади имаат неверојатен талент и уште поголема мотивираност за творење,желба за другарување и потреба за самодокажување, вели Колодезни.

Како што појасни за МИА Драганчо Таневски, ликовен педагог и ментор во проектот, целта на проектот е преку ликовното творештво да се запознаат децата од редовните со децата од посебното училиште и меѓусебно да другаруваат.

-Овие ученици ги донесовме во Струга за да ги видат езерските убавини и да се запознаат со убавините на Струга ,а своите впечатоци потоа да ги пренесоа на белото платно цртајќи со акрилни бои.Тие под мое менторство и појаснување на техниките за цртање и сликање, прво седнати покрај езерото набљудуваа, потоа правеа и скица, а на крај во дворот на детското одмаралиште,боеја со акрилни бои.Ги одбравме овие бои затоа што е лето и брзо се сушат.Ги ставив по двајца на едно платно од редовните и од посебното училиште. Тие заедно цртаа разговаа,се договараа, и на најубав начин се запознаваа и другаруваа, и така едни со други ги надминуваат разликите и меѓусебно се прифаќаа, вели Таневски.

Тој вели дека вакви сликарски работилници и колонии во земјава се реткост,а нивната успешност со која ја извеле е пример и треба да биде поттик и за останатите редовни и посебни училишта во земјава.

Децата учесници во сликарските работилници и колонии-меѓу нас нема различности сите сме исти.

Михаела Мирова, ученичка во велешко ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” за МИА појаснува дека на работилниците и колониите се запознале и другарувале со нивните врсници од посебното училиште, а уметноста цртање ги поврзала заедно на едно платно.

Помеѓу нас нема различности, сите сме исти, потенцира Мирова, разговарајќи и дружејќи се со своите другарки и другарките од посебното училиште.
Моника Најдовска, деветтооделенка од ООУ „Васил Главинов” од Велес оценува дека овие сликарски работилници и колонии биле убава можност да стекнат нови другари од Посебното училиште и заедно да се дружат, запознаваат и да ги надминат стереотипите кои сеуште важат за овие лица. -Јас со овие нови другарки од Посебното училиште ќе ги запознам и моите другарки и ќе им кажам дека тие се многу талентирани и имаат добра душа и се вистински пријатели, потенцира Најдовска.

Колодезни оценува дека преку вакви и слични работилници, спортски, културни и други манифестации кои ги организирала, а во кои заедно биле вклучени врсници-децата од редовните и децата од посебните основни училишта, многу полесно и поедноставно се прифаааат овие лица на помала возраст ,конкретно на училишна возраст,откалку кај возрасните лица.

На 24 месецов во планинарскиот дом „Папрадиште” се одржа втората Ликовна колонија на која учесниците боеја со печати од разновидни цвеќиња кои претходно ги береа во прекрасната природа на живописното село Папрадиште,а каде порано се одржуваше ликовната колонија „Папрадишки мајстори”, на која учествуваа ликовни уметници од земјава и странство.

Третата – последна Ликовна колонија е планирана на 14 септември, а на која ќе се изработуваат експонати од глина и гипс инспирирани од археолошкиот локалитет Стоби каде што еднодневно ќе престојуваат децата со своите ментори. Сите дела кои ќе бидат изработени на работилниците и на колониите ќе бидат изложени на продажна изложба која е планирано да се реализира на почетокот на октомври, а ќе се промовиран и каталогот со сите изработки.

Средствата собрани од продажбата на делата ќе бидат наменети за организирање на нови креативни работилници помеѓу децата и младите со попреченост и со типичен развој. Со што ќе овозможиме подигање на инклузивната култура како помеѓу младите, но и кај возрасните, појаснува дефектологот Колодезни.

Инклузијата на лицата со попреченост во општеството повеќе тренд отколку пракса
Колодезни оценува дека инклузијата на лицата со попреченост е тренд на современото општество, но во реалноста многу малку е применета во вистинската смисла на зборот.

-Проблемот со нивната инклузија во најголема мера ја гледам во неприфаќањето на лицата со попреченост од страна на другите лица во општеството,како и нивното недоволно вклучување во повеќе сегменти на општественото живеење,вклучително и разни уметничко-креативни активности, оценува Колодезни.

Преку ликовни колонии,работилници,културни,спортскии други манифестации полесно се прифаќаат лицата со посебни потреби.

Таа појаснува дека преку вакви и слични ликовни работилници и колонии, спортски, културни и други манифестации кои ги организирала , а во кои заедно биле вклучени врсници-децата од редовните и децата од посебните основни училишта, многу полесно и поедноставно се прифаќаат овие лица на помала возраст, конкретно на училишна возраст, отколку кај возрасните лица.

Колодезни појаснува дека дефектологот треба да знае да слуша, да учи и подучува, да има сенс за да ги забележи сите недостатоци и да знае како да ги искористи потенцијалите кои ги има лицето за да ги отстрани. Воедно да ги намали или во најмала рака да ја научи личноста како да живее со тоа што го има и најдобро да го користи, да го најде своето место во општествената заедница.

Оваа хумана дејност е основиот двигател и магнет кој ги привлекува лицата со попреченост кон специјалните едукатори и рехабилитатори, на улица, во маркет, во автобус и сл.

-Имав еден професор кој секогаш велеше дека лицето со попречност ќе ве препознае па дури и во странска држава и ќе ви пристапи. Вашите очи ги гледаат со поинаква светлина овие лица, затоа тој ќе ве пронајде и ќе ви пристапи.Оваа теорија многу пати се покажала како точна, појаснува искуства од својата работа, дефектологот Колодезни.

Таа информира дека нивната работа е мултидициплинарна и опфаќа повеќе сфери од општествениот живот на лицето со попреченост.

-Исто така како дел од нашата работа се работа индивидуално и групно со членовите на потесното и поширокото семејство, работа со врсниците и другите деца,потецира Колодезни.

Социјалната инклузија, укажува, значи вклучување на лицата со попреченост во општествениот живот и нивно оспособување за да се вклучат при донесување на одлуки на локално и национално ниво.

Во насока на градење на социјална инклузивна култура таа и нејзините колешки во изминатите години одржала едукативни предавања на оваа тема наменети за наставниците, стручните служби по училиштата, родителите и учениците.
На семејствата на лица со попреченост им ги откривале социјалните права и патот кој треба да го изодат, за да ги остварат своите права.

Во изминатите години за децата со посебни потреби организирале работилници, драма терапија, арт сликање на стакло и глина, а изработиле и музички сензорен ѕид во Пособното основно училиште „Маца Овчарова” во Велес.

-Лани јас и колешките дефектолози бевме во сите училишта во Велес и држевме едукативни предавања, а потоа ученици од сите училишта доаѓаат кај нас и правевме инклузивни работилници од различен тип. Така преку разни активности се запознаа и дружеа децата од редовните и децата од посебното училиште и на најубав начин ги надминуваа предрасудите, потенцира Колодезни.

Градење инклузивна култура од најрана возраст-прифаќајте ги различностите
Со оглед на тоа дека инклузивната култура се гради од најрана возраст, како што потенцира Колодезни повеќе години наназад една од сегментите кои ги опфаќаат во сите проекти е градење на инклузивна култура.

-Тоа го правиме преку инклузивни едукативни и практични работилници за ученици од редовните училишта на ниво на општина Велес. „Прифаќајте ги различностите”, „Гледајте го соученикот, а не неговиот хендикеп”. Сите ученици се различни но сите имаат одредени сличности и заеднички интереси па не треба да се дискриминира .Ова се само дел од правилата на кои ги учиме учениците со типичен развој кон градењето на инклузивната култура кај младите,појаснува Колодезни.

Информира дека преку овие работилници и колонии,учениците учат за попреченостите и нивните можности.Воедно преку заеднички активности на ученици со и без попреченост, планирани за корисно исполнување на слободното време на учениците, под менторство на наставници и дефектолози/специјални едукатори и рехабилитатори, на непосреден начин ги запознаваат со личностите со попреченост.

Овие инклузивни работилници, посочува, во голема мера го менувааат односот на учениците кон лицата со попреченост.

-Преку интересни и занимливи интерактивни игри тие учат заедно да творат, да научат каде и како треба да ја пружат помошта на лицето со попреченост, без да ја навредат неговата личност, појаснува Колодезни.

Во денешниве услови во кои врсниците најчесто комуницираат преку електронските уреди, како што вели, ние се трудиме да најдеме начини во кои учениците ќе поминат корисно исполнето заедничко слободно време и тоа не само со врсници од типичен развој, туку и со врсници со попреченост, потенцира Колодезни.

Децата со попреченост преку разни активности излегуваат од затворен круг и ги совладуваат секојдневните препреки. Таа оценува дека од друга страна учениците со попреченост повеќе се трудат, учат да ги совладуваат препреките и да ги истакната своите можности и способности со што целосно ја менуваат личноста со попреченост во емотивна и морална смисла.

Истакнувајќи ги своите потенцијали тие стекнуваат нови пријатели и врски кои во текот на животот се продлабочуваат.

-Излегуваат од својот затворен круг, учат да ги совадуваат секојдневните препреки во општеството и полека стануваат дел од секојдневниот општествен живот, социјално да се инклузираат, потенцира Зага.

Таа појаснува дека е горда што изминативе две години на инклузивните колонии кои се реализраа во Детското одморалиште „Мајски цвет” во Струга, учениците со и без попреченост, заеднички поминуваа корисно и испланирано слободно време во сосема друга средина.

Минатата година активностите биле насочени кон програмата за туторство за ученици со типичен развој, а со цел да бидат подготвени и да им ја пружат соодветната помош на инклузирани ученици во редовните училишта. Оваа година имале за цел да ги истакнат творечките потенцијали на ученици со и без попреченост преку ликовни колонии на три различни локалитети (Струга-езеро, Папрадиште-планина и Стоби- археолошки локалитет).

– Мојата и заложбата и работата на моите колешки сите овие години од нашата хумана мисија е во насока на градењето на инклузивната култура помеѓу младите и возрасните. Воедно на индиректен начин сите овие активности делуваат и на градењето на инклузивната култура на сограѓаните, на локално и национално ниво, потенцира Колодезни.

Преку редовни медиумски известувања со краток опис на активностите редовно го известуваат населението за позитивни инклузивни приказни.

 

-Имаме издадено брошури (Карактеристики, можности и способности на лицата со ПОП, Стандарди за инклузивно училиште), а во октомври ќе следи и изложба на сите дела изработени од вредните раце на десет талентирани ученици со типичен развој и пет ученици со попреченост, кои ги изработуваа изминатите 5 месеци(ова лето), на заедничките работилници и на ликовните колонии.

Да им помогнеме да бидат почитувани и успешни граѓани

Како што порачува, лицата со попреченост се насекаде околу нас, тие се дел од многу наши семејства, и ги повикува граѓаните и да дадат придонес тие да бидат почитувани и успешни граѓани во нашето општество.

-Во таа насока со јасно поставена цел, ние од тимот дефектолози и други стручњаци на ПОУ „Маца Овчарова од Велес во соработка со колеги од другите Посебни училишта од земјава, преку разни проекти и манифестации продолжуваме со својата хумана мисија, најави Колодезни.

Тие ги повикуваат и младите и сите граѓани во земјава да дадат свој прилог во градењето на инклузивна култура во земјава преку побрза и побезболна инклузија на лицата со посебни потреби во општеството.