Отворањето на „МакеДокс“ со високо подигнат кромид – филмот може да го промени светот кон подобро

118

Десеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ започна синоќа со „Мизерикордија“ на Ксавиер Марадес и „И сè стана песна“ на Шејмус Марфи, а до доцна во ноќта Куршумли-ан го исполнуваше звукот на музиката на Џон Периш и Марта Колика, заедно со Џорџа Поли.

„Првата вечер на фестивалот ‘МакеДокс’ беше посветена на ентузијастичката екипа која веќе десет години го свива своето гнездо во Куршумли-ан, неуморно ги толкува слоевите на кромидот низ синеастички вибрации и верува дека филмската уметност навистина може да го промени светот кон подобро“, велат од организацијата. Посвета беше дадена и на неодамна починатиот професор Стефан Сидовски, кој неуморно ги следеше светлосните траги на филмското платно, редовен гостин на „МакеДокс“ од неговото прво издание во 2010 година. Екипата на „МакеДокс“ со високо подигнат кромид во рацете упати благодарност до публиката, која од година во година сè почесто го исполнува Куршумли-ан.

МакеДокс продолжува со „Идеи преку граници“ – работилница на Јана Цисар, која до 24 август во Даут Пашин Амам ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а во Чифте амам ќе може да се види фото-изложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, дванаесет портрети од Билјана Гарванлиева (1973-2016) и Мануел Цимер, направени со дигиталниот метод на т.н. „проширена реалност“. Портретите се тестамент на нивната љубов во време на прераната смрт на Билјана чиј последен филм довршен од нејзиниот сопруг- документарецот „Тетовски самрак“ се прикажа во рамки на фестивалот како светска премиера.

ВИДИ И 10. МакеДокс во знакот на македонските документарци

На десетгодишниот јубилеј на „МакеДокс“, кој се поклопи со 30 години од уривањето на Берлинскиот ѕид, „Земја во фокус“ е Германија. Во оваа програма се прикажуваат 8 германски документарни филмови, со акцент на источногерманската продукција. Детската програма, годинава прикажува 12 анимирани и доку-анимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст, пред сè, од Германија и се одвива во Младинскиот културен центар од 23 до 25 август.

Утревечер (23 август), пак, со почеток од 21 часот во кино „Милениум“, во режија на светски познатиот документарист Виктор Косаковски, ќе се прикаже „Акварела“ – документарно остварување кое претставува филмско нуркање низ непредвидливата убавина и безмилосноста на водата чија суровата сила докажува дека луѓето се само бледа сенка на природата. Од опасните ледени води во руското Бајкалско Езеро, преку Мајами среде вителот на ураганот „Ирма“, па сѐ до венецуелските Ангелски Водопади –  стожерниот лик во оваа приказна е водата, прикажана во сиот свој раскош и ужас.

Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“ до 28 август.