Поранешниот тренер на двократниот европски шампион Вардар, Веселин Вујовиќ уште еднаш го пофали неверојатниот успех на „црвено – црните“ во изминатите неколку години, овој пат во интервју за босанскиот весник „Ослобоџење“ Тој смета дека со освоената титула во Келн „вардарци“ го спасиле македонскиот ракомет.
-Во шок сум поради се што може да се случи во спортот. Постојано слушавме приказни дека играчите на Вардар не примиле плата три, шест, дури и 21 месеци. Колку и да е тоа долг период без пари, да се создаде таа хемија во екипата, да играш знаејќи дека е крај – тоа е неверојатна работа, но и апсолутно заслужен успех. Со успехот на Вардар беше спасен и ракометот во Македонија, кој да знае што ќе се случуваше ако не стигнеа до титулата. Вака, се појавија нови спонзори, реагираше и владата, значи целата приказна имаше позитивен ефект. Вардар е македонски бренд и заслужува да го држи приматот – истакна Вујовиќ.
Селекторот на ракометната репрезентација на Словенија, кажа и неколку збора за ждрепката за групите за ЕВРО 2020, на кој македонската репрезентација имаше многу среќа добивајќи ги за ривали Чешка, Австрија и Украина.
-Македонија имаше многу среќа што се најде во таа група. Тие го минаа периодот на подмладување, знаеме дека Лазаров се уште е носител на играта, но имаат и ракометари кои добро се испрофилираа како Манасков, Кузмановски, Талески, заврши Вујовиќ.