Откупот и извозот на праските со добар квалитет се одвива непречено, единствен проблем има со меките праски за кој нема извоз и цена. Минималната откупна цена изнесува 15 денари, а Русија и понатаму останува главен пазар за пласман на праските, кои освен на овој пазар се извезуваат и во Косово, Чешка, Австрија и Иран.
Откако Русија ја укина забраната за увоз на коскесто овошје од Македонија која беше воведена поради појавата на болеста монилија, сега услов за извоз во оваа земја се лабораториските анализи, кои се доказ дека овошјето е здраво. Откупувачите велат дека овие анализи не се проблематични и оти се прават за неколку дена. Рускиот пазар бара квалитет кој нашата праска го има.
– Праските претежно се извезуваат на рускиот пазар за кој потребни се дополнителни анализи кои се прават за неколку дена. Инаку нема никаков проблем за извоз на квалитетните праски. Праските со тврдост од 4,5 се добри за транспорт и тие претежно одат за извоз, додека пак, меките немаат извоз и нивната цена е многу пониска. Овие праски откупувачите не ги купуваат и обично се продаваат на домашниот пазар, а нивната цена е многу пониска поради тоа производителите се револтирани, вели Енис Шериф, откупувач на праски од компанијата „Суна стар“.
Тој вели дека и откупувачите на почетокот на откупот биле исплашени и извезувале мали количини, бидејќи ги чекале лабораториските анализи, но сега веќе немаат такви проблеми.
-Извозот се одвива непречено и праските се извезуваат во Русија. Јас извезувам во Калининград и во Москва и доколку праските се квалитетни и се извршени лабораториски анализи нема никаков проблем при извозот, вели Енис.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се постојано на терен за да се следи откупот и да не се манипулира со откупната цена и со белешките што им се издаваат на овоштарите при откупот. Државната фитосанитарна лабораторија работи со доволен капацитет за извршување на редовните анализи кои се потребни за непречен извоз.
Недела во МЗШВ предвидена е средба со компаниите од индустријата за да се договори откупот на праски за преработка, а ќе продолжи комуникацијата со земјоделците и откупувачите со цел да има поблиска соработка, што ќе резултира со откуп на целокупната произведена количина на праски.
Откупот на праски започна на 10 јуни, а се очекува да заврши до крај на август. Овоштарите велат дека покасните сорти, обично се со подобар квалитет и за нив нема проблем при откупот и извозот. (А.С.)
Нема рампа, македонските праски масовно патуваат за Русија
Откако Русија ја укина забраната за увоз на коскесто овошје од Македонија која беше воведена поради појавата на болеста монилија, сега услов за извоз во оваа земја се лабораториските анализи, кои се доказ дека овошјето е здраво. Откупувачите велат дека овие анализи не се проблематични и оти се прават за неколку дена. Рускиот пазар бара квалитет кој нашата праска го има