Црна Гора распиша потерница по уште седум лица обвинети за обид за државен удар

137

Високиот суд во Подгорица распиша потерница против четворица државјани на САД, двајца Ирачани, еден Израелец и еден државјанин на Велика Британија.

Потерницата е распишана за обид за државен удар на денот на парламентарните избори во октомври 2016 година, дознава весникот „Блиц“.

Весникот потсетува дека во таа постапка претходно годинава првостепено се осудени државјани на Србија кои со цел уривање на власта на Мило Ѓукановиќ наводно ги организирале пензионираниот командант на српската Жандармерија Братислав Дикиќ и двајца припадници на руските разузнавачки служби.

Во документ на Високиот суд се наведува дека истрагата е проширена врз основа на сведочења на разузнавачот на ЦИА Брајан Скот кој во летото 2016 сведочел пред подгорички суд во предметот „државен удар“.

Скот тогаш рекол дека добил понуда да спроведе евакуација на одредени лица од Подгорица, која, како што рече, ја одбил, и оти по тој повод стапил во контакт со Џзеф Асад, претходно обвинет за наводно учествување во наводен терористички план, кој исто така е поранешен припадник на ЦИА.

Асад тогаш преку својата компанија „Перегрини“ која се занимава со разузнавачки и безбедносни работи, ангажирал четворица Американци.

Во наредбата на Високиот суд се констатира дека црногорските служби евидентирале доаѓање на групата во државата, а тоа го потврдува и извештај на ФБИ.