Човек што седи на трон, облечен во тога, кој во раката држи жезло, се смета дека е најраниот сочуван цртеж на големиот ренесансен уметник Микеланџело Буонароти.
Цртежот со наслов „Човек што седи“ (The Seated Man) е направен со молив и тинта, а британскиот историчар на уметноста Тимоти Клифорд смета дека е од 1487 година, кога Микеланџело имал 12 или 13 години?!
Цртежот е во сопственост на анонимен британски колекционер, кој го купил во француска аукциска куќа во 1989 година. Тогаш цртежот бил припишан на непознат автор. Но откако друг историчар споменал дека можеби се работи за дело на Микеланџело, бил контактиран Клифорд.
“Ова е најрано познато дело на Микеланџело направено една или две години пред било кое негово друго дело за кое знаеме, што е особено фасцинантно“, истакнал историчарот.
Делото во моментов е изложено во Музејот на убави уметности во Будимпешта, на изложбата на италијански цртежи од 16 век, со наслов „Триумфот на телото“ (Triumph of the Body: Michelangelo and Sixteen-Century Italian Draughtsmanship).
Кустосот на изложбата Золтан Карпати смета дека е вистинска среќа што цртежот е сочуван, ако се има предвид дека Микеланџело пред својата смрт запалил голем број свои цртежи, скици и карикатури.
Тој, како што објанува Карпати настојувал да спречи да се добие увид во неговиот развоен пат, од страв дека јавноста би можела да ги доживее неговите дела како несовршени?!