Што нема сè да им текне на луѓето, па дури и тоа, да си ја продаваат облеката со која некогаш настапиле на евровизискиот фестивал. Станува збор за нашите минатогодишни претставници на Песна на Евровизија, нашите момче и девојче Бојан и Марија од ,,Ај кју” на кои, ете, им текнало да ја продаваат модната креација во која Марија настапи на овој фестивал. Но и што ќе им е веќе, подобро да заработат некои пари отколку облеката да собира прав. Марија таму и официјално ја освои наградата “Барбара Декс“, која секоја година традиционално им се доделува на најлошо облечените учесници на Евровизија.
–
Да потсетиме дека се работи за мини палто–фустан, кое го изработи модниот креатор Алек Билбилоски од Охрид, а истиот сега се продава. Цената по која се продава непопуларната облека, за некои и популарна, е дури 5.000 долари, а за ова треба да се платат и плус 127 долари за меѓународен транспорт. Инаку, објавата е споделена и на официјалната страница на ,,Ај кју”. За оние кои не знаат, ,,Ај кју” со “наградениот” аутфит настапија на Евровизија во Лисабон, но за жал со песната се најдоа на претпоследното место на првата полуфинална вечер и не влегоа во финалето. Истата (не)славна титула за облеката ја доби и Мартин Вучиќ, македонскиот претставник пред неколку години на Евровизија, а кој беше облечен во палто со розова боја. Д.М.