Во интервју за 40 француски регионални весници, шефот на француската држава Емануел Макрон прифаќа да биде активен чинител на предизборната кампања за европските избори и дека не може да остане само посматрач, а предупреди и дека неизлегувањето на гласачите на изборите е штетно.
Францускиот претседател смета дека нема друг избор освен да се вклучи во кампањата за европските избори на 26 мај, иако признава дека тој не е лидер на партија, меѓутоа верува дека има одговорност пред историјата. Макрон забележа дека „сите други кандидатски листи прават референдум од изборите“, односно референдум против претседателот на Републиката и Владата.
Макрон се обидува да ги мобилизира избирачите, додека стапката на апстиненција која ја предвидуваат анкетите останува многу висока.
Францускиот претседател вели дека „да се одлучи да не се гласа е да се одлучи да им се даде глас на оние кои сакаат да не уништат. За да се изразат својот избор што и да е, тоа е на 26 мај или никогаш!“ – вели тој.
Макрон предупреди и на неговиот главен противник во 2017 година, десничарскиот Националниот собир на Марин Ле Пен.
– Ние задремавме, како да не сфативме дека пред пет години партијата што победи на европските избори, беше Националниот фронт, вели Емануел Макрон. Дали тие успеаја на европско ниво? Тие гласаа против се што е во интерес на Франција. Нивниот проект ја ослабува Франција и ја дели Европа, вели Макрон.
За францускиот претседател, присуството на Стив Банон во Париз неколку дена пред изборите не е ништо банално.
– Првпат гледам премолчена врска меѓу националистите и странските интереси, чија цел е демонтирање на Европа. Лобистите како господинот Банон, блиски на американската власт, го кажуваат тоа. Русите и некои други никогаш не биле толку наметливи за да финансираат, да им помогнат на екстремните партии, изрази загриженост Макрон.
Меркел до гласачите: Избегнувајте ја десницата, тие се на продажба
Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика гласачите да ја избегнуваат крајната десница на изборите за Европскиот парламент, откако заменик-канцеларот на Австрија, Хајнц Кристијан Штрахе, поднесе оставка поради снимка на која нуди предност во тендери во замена за предизборни донации.
-Тие политичари се на продажба, тие сакаат да ја уништат Европа, нашите вредности, мораме решително да застанеме против тоа, рече Меркел.
Таа остро ги критикуваше „политичарите за продажба“, тврдејќи дека ЕУ се соочува со „популистички движења, кои во многу области се полни со презир кон европските вредности, кои сакаат да ја уништат Европа на нашите вредности“.