Оригинален рецепт од Сицилија во вашата кујна…

Потребно е:

  • 500 г макарони
  • 1 кг брокула, расцветана на помали цветчиња
  • 40 г суво грозје
  • 40 г пињоли
  • 2 мали сардини
  • прстофат шафран
  • 1 главица кромид, ситно исечкана
  • 1 лажица доматно пире (концентрат од домати)
  • сол и црн пипер

Подготовка:

– Во големо тенџере, ставете вода да зоврие. Зовриената вода посолете ја и ставете ги цветовите брокула да се бланшираат 8 минути. Кога ќе омекнат, извадете ги со цедалка, ставете ги во сад и покријте ги. Водата не фрлајте ја, затоа што во неа треба да ги сварите макароните.

– Во тавче за пржење ставете малку маслиново масло. Кога ќе се загрее, ставете го кромидот да се пропржи. Кога ќе омекне, ставете ги сардините и гответе кратко. Ставете го концентратот од домати и 1 шолја од водата во која се вареа брокулите. Кога тоа ќе проврие, ставете ги пињолите и сувото грозје. Измешајте убаво и зачинете со шафран, сол и црн пипер, по вкус.

– Сварете ги макароните во водата во која се вареа брокулите.

– Кога макароните ќе бидат сварени ал денте, ставете ги брокулите и сварените тестенини во сосот. Поклопете со капак и оставете да се готви 10 минути.

– По 10 минути, сервирајте со рендан пармезан.