КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Клиентелизам

447

Клиентелизам, како термин, се употребува секојдневно. На медиуми особено. На сите, од сите новинари, јавни личности, буквално сите зборуваме за клиентелизам. Зошто тоа го правиме? Веројатно на сите ни пречи, „свиткана кичма“. Но дали клиентелизмот е свиткана кичма или обратно, пазарџиско поведение во сите нас? Секогаш доаѓаме до максимата „што има тука за мене?“.

Во суштина, сите клиенти бараме услуга од едно лице, а тоа е, за жал, сопствената ни држава, денес веќе Република Северна Македонија.

Често ќе кажеме, тој е „тешка клиентела“. Тоа значи, се раководи само од сопствениот интерес. Многу малку се интересира за општествениот интерес, одговорност, државни интереси и сл. Само и само, личниот интерес. Што стои во заднината на такво поведение? Јас во овој момент, можам само да констатирам дека, клиентелизмот е изворно поведение кај нас Македонците. Точно, има примеси на интерес, свиткана кичма, пазарџиски дух, ропски менталитет, малодушност, да се припаѓа кон чопор, група, интересна заедница… од се има, во овој наш македонски изворен клиентелизам. За нас тоа е нормално, со тоа живееме, на тој начин живееме, дури не се ни срамиме од тоа… никако, напротив се потфалуваме дека сме ќариле нешто од некого, од партија или фирма, сме зафркнале пријател, нешто сме направиле, што за многумина низ светот е срамно, но за нас викаат стари, „се најде на гордост“… тоа е тој „итарпејовски“ менталитет!

Дали да се гордееме со тоа? Дали да се срамиме? Дали некој тоа ни го наметнал? Дали е ова само кај нас? Има ли излез од сето тоа? Што знам, треба сериозно да се сработи на темава. Тоа е нешто кое не е дневна тема, тоа бара општествена мобилизација и стручна анализа. По тој пристап, да се дојде до издржани заклучоци, кои би започнале да ги имплементираме во многу области, како резултат на кој процес, после дваесет години, можеме да очекуваме одреден резултат. Дел од одговорите ги имаме и денес, без некоја посебна анализа. Не треба да се гордееме со клиентелизмот, кој не „надвјасал“. Не треба да се срамиме, зашто клиентелизмот не го измисливме ние и не е само кај нас. Тоа е класичен „римски продукт“, дури правно регулиран однос, помеѓу патрон и клиент. Значи првиот контакт со клиентелизмот ни е одамна. После тоа, знаете дека „вазалниот однос“ со отоманите, ни стана редовна пракса. Во суштина „вазал“, како термин ни е генерално познат, е совршен синоним на клиентелизам. Тие вазални односи, исто така правно регулирани, ние сме ги практикувале со векови. Продолживме да егзистираме како народ од „обврзана држава“, да не кажам марионетска, каде клиентелизмот исто така беше правно регулирана материја. Чекавме писмо од Београду. Сега со ЕУ, имаме некоја шанса да се оправиме. Некако. Пазете, за сето ова кое пишувам, за векови и векови наназад, ова се легално воспоставени односи на клиентелизам. Буквално и директно, негово практикување. Што значи дека клиентелизмот е дел од нашата култура, начин на размислување, начин за преживување и тоа легален… затоа го идентификувам како изворно поведение на Македонецот. Секако дека има излез, ама не преку ноќ… ќе мора многупати да ни се стемни и раздени, за да куртулиме од клиентелизмот.

Како до подобро утре, без толкава доза на клиентелизам? За почеток се доволно две работи, прво прифаќање на „персоналниот клиентелизам“ за нормален и вообичаено воспоставено општествено држење на поединците низ целиот свет, второ криминализирање на „организиран клиентелизам“. Што е тоа? Првото означува однос помеѓу две или повеќе личности, генерално заснован на доброволна основа, каде „посилниот“ мобилизирал „клиентела“ околу себе, но тоа не значи нивна злоупотреба. Тоа е едноставно природен однос, кој доколку не е во судир со постоечките законски решенија, не треба и не може да се менува.

Едноставно тоа е дел од човековата природа, каде „послабите“ имаат потреба од патрон. И тука нема потреба да се малтретираме, ниту да очекуваме дека нешто ќе промениме. Тоа е човекова природа, а таа луѓето не може да си ја промениме.
Како до реализација на она второто, криминализирање на „организиран клиентелизам“? Би кажал, доволно е политичарите да се откажат од собирање на плодовите на клиентелизмот и имаме решение. Но свесни сме дека никогаш, барем не сега, нема да не управуваат политичари, кои доброволно ќе се откажат од тие плодови. Што значи треба да се присилат. Кој може да ги присили? Граѓански активизам, анархизам, религиски морал… не! Само Републиката може! Кога зборувавме за онаа максима „Републиката да ја земе власта во свои раце“, токму на ваков пример мислевме. Буквално, Републиката да донесе законско решение со кое, „организираниот клиентелизам“ се криминализира, станува дел од кривичниот законик и драконски се казнува. Казните да бидат двонасочни, кон патроните и кон клиентите. Секако подраконски за патроните, кои го осмислуваат, кои се креатори на „организираниот клиентелизам“, а клиентите како негови уживатели. Исто како да станува збор за дилање на дрога. Клиентелизмот и е дрога. Патроните ја произведуваат и дилаат, а клиентите се уживатели. Македонскиот казнен систем, познава казни и за едните и за другите. Така треба и за клиентелизмот. Втора мерка, исто како компаративниот пример, треба превенција! Кој ќе се погрижи за превенција? Се знае, пак Републиката! Преку процесот на образование и воспитание, преку процесот на социјализација и наметнување на „општествено прифатлива култура“, да се направи атмосфера во која, чувството да се биде патрон, не е чувство на супериорност, туку на слабост, а чувството да се биде клиент е најдолно, срамно и против тоа мораш сам да се избориш. Убаво е да се воведе предмет во основното и во средното образование или да се дополни содржината по предметот „Етика“, во кој ќе се посвети доволно време и простор за „спознавање со клиентелизмот“.

Така, со овие две мерки, ќе започнеме да си ја лекуваме болеста, која е толку стара и хронична во сите нас, што веќе се навикнавме да живееме со неа и од неа.

Не е веќе смртоносна за нас. Напротив, ако е отсутна во некој од нас, тоа е веќе ерес и неприфатлива „будала“, која не знае да искористи. Нешто кое го има во менталитетот на куртизаните. А сите се правиме на „тошо“, демек не знаеме. Знаеме за примери кои се имуни на таа болест, а тоа се најмногу младите генерации. До толку се срамат од „македонскиот изворен клиентелизам“, што и покрај поседување на сите услови за добар личен живот, се одлучија да ја напуштаат татковината. Почитувани мои, токму оваа болест, клиентелизмот, е главната причина за мигрантскиот феномен. Жално е младите да ги гледаат своите родители, како се тетерават како полжави под нозете на „големците“, како се лигават како лигајчари лигушосани, гнасно им е… ги боли… и донесуваат одлука, подалеку од тука, да не го гледаат овој срам и арам, ова изворно македонско поведение. Не сакаат да бидат како нив, не сакаат да ползат и заминуваат!!!

Многумина милуваат да кажат, па што зборуваш, па твојата парија ВМРО ДПМНЕ и тој твојот лидер Груевски, го измислија клиентелизмот. Не драги мои, ако уште тоа го мислите, значи ништо не сте разбрале од ова денешно писание.

Мојата партија и „мојот“ Грујо, само создадоа совршен систем како да ги собираат плодовите од клиентелизмот. Само паметно го искористија она што го имаме сите ние, сирото во душата, а тоа е потребата да бидеме клиентела. Грујо денес го нема, а ние тонеме во клиентелизам. „Професорката со интегритет“, потона во истата каша, во која ние, тонеме со години. Или она дојде кај нас, одамна инфицирана од вирусот, кој беше исклучително својствен за „нејзиното време“?!? Како и да е, сега ни останува само да се тетеравиме и да ползиме, заедно. Онака лавовски!. „Галиба, до нас ќе е!“

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ)