ВО НЕДЕЛАТА СРУШЕН РЕКОРДОТ : Дуња и Даела привлекоа 12 илјади посетители, Коко ќе ги надмине со 20 илјади

208

Убавото време, новите жители, и забавите со ликови од цртаните организирани од менаџментот на скопската зоолошка драстично ја зголемија посетеноста на ЗОО Скопје. За прв пат во неделата дури 12 илјади посетители биле во обиколка на зоолошката што е рекорд досега. Посетеноста расте низ месеци, а овој тренд започна откако пред девет месеци се промени раководството во оваа институција и на чело застана директорот Ѓорѓи Галетановски.

-Посетеноста од јуни 2018 па наваму, во однос на минатите години е дупло зголемена. Дури и во работни денови се случува да имаме по 2000 посетители што претходно не било случај. Со доаѓањето на новите животни пролетва се очекува да стигнеме и до рекорд од 20 000 посетители. Секако една од главните причини е и добриот маркетинг, велат од ЗОО Скопје.

Од зоолошката посочуваат дека во изминатите девет месеци напорно работеле да се крене хигиената на највисоко ниво. Поставени се нови тоалети, нови забавни содржини за деца на секој чекор, нови игралишта и реквизити.

-Имавме доста успешни кампањи за едукација на посетителите, како и претстави и забави во текот на викендите. Се обидовме што повеќе да ги доближиме животните до посетителите, да ги научат нивните имиња, навики и карактер. Со комплетното разубавување на Зоолошката, како и со пристигнувањето на Дуња и Даела, посетеноста се зголеми дупло, потенцираат од таму.

На новитетите најмногу им се радуваат децата. Секое дете ужива со маскотите од Дизни, театарските претстави, магионичарите и едукативните работилници. Во четврток зоолошката ќе го прослави и светскиот ден на водата, а на 9-ти мај се подготвува мини Зоо маратон.

-Живеалиштето за шимпанза го подготвувавме подолг период, затоа што се најинтелигентни човеколики мајмуни и кај нив се мора да биде под конец. Коко и пријателите ќе пристигнат со почетокот на пролетта и тогаш ќе направиме голем настан, како за слоновите. Годинава ќе го прославиме и 93тиот роденден на Зоолошка, ќе донесеме за првпат фламинга и пингвини. Повторно ќе имаме зебри, но и многу други егзотични животни. Во подготовки се и Дино паркот и Бејби Зоо, истакнуваат од зоолошката.

Од скопската зоолошка посочуваат дека првенствено е работено на целокупната хигиена, реновирање на живеалиштата, поставени се 200 нови корпи за отпадоци и клупи. Пристигнати се и новите патокази и огромни табли со правила за однесување на посетителите. Летото беа поставени и нови информативни таблички за животните, а се организираа и многу настани. (С.М.)