Во Домот на културата “Димитар Влахов” во Автокоманда, утре (1 март) во 19 часот вокално-инструменталниот состав “Аманет” ќе одржи концерт по повод една година од своето постоење.

ВИС “Аманет” располага со богат репертоар, кој што се состои од традиционални ора и песни од повеќе региони во Македонија, изведувани на традиционални инструменти како кавал, гајда, шупелка, тамбура, ќемане и тапан.

Присутните ќе имаат можност да уживаат во изведбата на народните песни “Бело лице љубам јас” и “Што имала ксмет Стамена”, како и некои постари песни кои за првпат ќе имаат можност да ги слушнат. Ќе бидат изведени и ората “Поступано”, “Женско крстено” Овчеполско”, “Машкото“…

Инаку, групата е составена од 10 членови: Роберт Ангеловски, Андреј Трајковски, Новица Крстевски, Оливер Настовски, Кристијан Јаневски, Јане Крстевски и Никола Волкановски – инструменталисти, додека како вокали настапуваат Ивана Чаловска, Симона Петковска и Ленче Димовска.
ВИС “Аманет” има реализирано повеќе концерти, настани и хуманитарни акции, а соработува и со неколку културно-уметнички друштва, со чија помош заемно се придонесува за афирмација на македонскиот фолклор во светот.

“Иако сме релативно млада група, нашата мисија и цел е да ја сочуваме традицијата и тоа токму ширејки го звукот на таа традиција. За возврат, многупати сме биле наградени со награди и признанија, кои се само поттик да продолжиме да ја шириме нашата мисија, светот да ја слушне македонската традиционална песна“, велат од “Аманет”.