Тоа не беше трејд кој навивачите на Лос Анџелес Лејекрс го посакуваа, но со тек на време сигурно ќе го засакаат. По катастрофалниот пораз од 42 поени против Индијана од пред неколку дена, челниците на „езерџиите“ само неколку минути пред истекот на преодниот рок направија потег со кој го засилија својот тим. Но, за жал, во него не беше вклучен Ентони Дејвис, кошаркар кој изминатиов период постојано беше поврзуван со Лејкерс. Наместо него, го трејдуваа Светослав Михајлук и пик од втората рунда на драфтот за Реџи Балок од Детроит.
Навивачите на Лејкерс оправдано не се воодушевени од ваквиот расплет на настаните, па мораа да го побараат името „Балок“ на „Гугл“ за да проверат за каков кошаркар се работи. А, таму можеа да дознаат само дека Балок во првата рунда од драфтот во 2013 година бил избран од страна на ЛА Клиперс, па во 2015-та бил испратен во Феникс во размена која учествувале три клубови. На крајот од таа сезона Балок завршил во Детроит, каде се развил во солиден бек и совршен играч за Леброн Џејмс.
Балок има 27 години и во просек бележи по 12 поени по натпревар, а има прецизност на шут од 38.8 отсто. Минатата сезојна бележеше по 11.3 поени по натпревар со 44.5% од линијата за три поени. Неговиот шут за тројка од 2015 година па до ден денес е околу 40 проценти, што значи дека е подобар од било кој играч во редовите на Лејкерс, вториот најлош тим кога во прашање е шутот за три поени во лигата. Но, статистиката не открива за каква личност се работи.
Меѓутоа, спортскиот новинар на „Лос Анџелес Тајмс“, Араш Маркази, имал можност да го запознае Балок во текот на неговите денови минати во редовите на ЛА Клиперс. Бил неискусен новајлија од Кингстон во Северна Каролина, исто како и неговиот нов соиграч кај „езерџиите“, Брендон Инграм, со кој веднаш станал пријател и воедно се обидел да се прилагоди на животот во Лос Анџелес. Маркази е искусен НБА новинар, роден во „Градот на ангелите“, кој ниту до ден денеска не се прилагодил на животот во овој град.
Додека останатите играчи пред натпреварите оделе во теретана и на тренинзи, Балок седел заедно со Маркази со кого разговарал за неговиот живот и неговиот град. Оваа заменета улога одлично му дошла на Араш кој сакал да одмори од новинарскиот ритам. Тој тврди дека никогаш не запознал играч кој бил толку искрен и заинтересиран за репортерскиот живот на новинарите. Сакал да дознае се низ што поминувал Маркази, пред да открие низ што поминал тој. До крајот на сезоната Маркази имал повеќе информации за Балок, отколку за Крис Пол, Блејк Грифин или Деандре Џордан.
Балок имал трансродна сестра – Миа Хендерсон, која, додека растела, била негов постар брат – Кевин Лонг. Тој бил во гимназија кога Кевин станала Миа и не знаел како да се носи со таквата промена. И понатаму продолжил да и се обраќа во машки род, а Миа ниту еднаш не го видела како игра кошарка за универзитетот Северна Каролина. Тој стравувал дека ќе го видат неговите соиграчи и се плашел поради тоа, а таа не сакала да го донесе во таква ситуација. Поради тоа многу жали денеска.
Балок премногу ја сакал својата сестра. Како што открива изворот, неговата последна СМС порака испратена на неа била: „Те сакам“. Миа Хендерсон била убиена на 16 јули во 2014 година во Балтимор. Според полициските извештаи, таа била избодена со нож по грбот, рацете и градите. Балок тоа го дознал додека бил на тренинзи во кампот на Клиперс. Не можел да поверува, бидејќи само неколку минути претходно се допишувале. И денес понекогаш ми се чини дека тоа воопшто не се случило. Редовно го проверува нејзиниот Фејсбук – профил и ги гледа коментарите и фотографиите на нејзините пријатели и членовите од семејството. Тоа што Балок тогаш не го сфатил е дека нејзината смрт не била предизвикана од инцидент.
Балок знаел дека мора нешто да направи, па ја открил приказната за својата сестра, а воедно станал и ЛГБТ активист. На левата нога го има истетовирано името на сестра си, додека над срцето го носи натписот на „ЛГБТ“. Своевремено на кошаркарските терени носеше и патики на кои стоеше натпис „Еднаквост“.
Балок се врати во Лос Анџеелс како поинаква личност и играч од оној кој си заминал пред четири години. Влијанието кое го има на теренот и надвор од него може да го направи љубимец на фановите во градот кој наскоро ќе сфати дека трејдот од минатиот вторник ќе има голема полза за тимот кон освојување на нова НБА титула.