Крушево во јули 2021 година ќе биде домаќин на 23. Светско првенство во змајарство. Убавата вест од Лозана, Швајцарија, Воздухопловната федерација на Македонија (ВФМ) ја објави на својата фејсбук-страница.
– Ова е уште една голем успех на ВФМ и на Крушево и уште една можност да го оправда имиџот на потврден и успешен организатор на натпревари од спортското воздухопловство од највисок ранг – пишува во известувањето на Федерацијата.
За градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски ова е уште една потврда за одличните природни услови за параглајдинг и змејарство, но и подобрувањето на инфраструктурата во Крушево за практикување на овие спортови.
– Ова е потврда и поттик да продолжиме да работиме на развој на авантуристичкиот туризам. Оваа година во август се организира Светско првенство во параглајдинг, организираме и Светски куп како дел од проектот “Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во општина Крушево”, а еве најново и Светско првенство во змајарство кое ќе се одржи во Крушево во 2021 година – изјави Христоски.
Секоја година во Крушево се одржуваат десетици меѓународни параглајдинг натпревари. Засега закажани се “Крушево озон опен” во јули и Светско првенство во параглајдинг во август.