Министерството за транспорт пролетва конечно се сели во реновираната зграда на плоштадот “Филип Втори”

229

Од Министерството велат дека сега сите активности се завршени, но ќе мора да се спроведе тендерската процедура за преселбата, зашто во зградата во која сега се сместени, која се наоѓа веднаш до Државниот завод за статистика, цели простории од под до таван се полни со архивски материјали и други документи кои треба внимателно и стручно да се пренесат во новиот објект

По повеќе од осум години во туѓи простории, Министерството за транспорт и врски за еден месец треба да се всели во својата реновирана зграда на плоштадот Филип Втори во близина на Камениот мост. Од Министерството информираат дека во тек е техничкиот прием, наскоро ќе се распише тендер за избор на компанија која ќе ја врши преселбата и конечно пролетва ќе почне селењето.
Ова се случува една ипол година откако завршија сите активности за реконструкција и доградба на објектот. Според надлежните, техничкиот прием и вселувањето не можеа да се извршат до сега поради мораториумот на Деталниот урбанистички план во чии рамки е зградата и чекање на одлуката на Уставен суд околу тоа.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека сега сите активности се завршени, но ќе мора да се спроведе тендерската процедура за преселбата, зашто во зградата во која сега се сместени, која се наоѓа веднаш до Државниот завод за статистика, цели простории од под до таван се полни со архивски материјали и други документи кои треба внимателно и стручно да се пренесат во новиот објект.

Инаку, реновирањето на зградата на Министерството за транспорт и врски почна кон крајот на 2011 година. За изведувач на работите беше избран скопски “Бетон#, кој реконструкцијата требаше да ја заврши за една година, но таа се оддолжи на околу пет години, до средината на 2017 година, со образложение дека се појавиле проблеми со статиката и темелите на објектот.

Освен барокната фасада, со која сосема го смени ликот, со реконструкцијата објектот доби и два нови ката, со што површината од 2.800 се зголеми на 4.580 квадратни метри. Во внатрешноста на стариот дел на објектот се реновирани канцелариите, ходниците и салите за состаноци. Речиси двојно зголемената површина ќе се искористи на тој начин што во објектот освен Министерството за транспорт и врски ќе се вселат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.

Одлука за реконструкција на објектот донесе претходната влада со образложение дека просторот е премногу тесен и руиниран. Во договорот со “Бетон# склучен во октомври 2011 година е наведено дека зафатот ќе чини 298.679.947 денари, односно околу 4,9 милиони евра со вклучен ДДВ. Шест години подоцна, кога градежните активности завршија, сметката се зголеми на околу шест милиони евра.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека низ годините додека зградата стоеше комплетно реконструирана, но празна, не се направени штети во неа, што треба да го покаже и техничкиот прием кој е во тек. Останува неуреден само просторот пред зградата, но од Минситерството информираат дека за партерното уредување е надлежна Општина Центар.

(С.В.)