Како бенефит од Преспанскиот договор, Гевгелија очекува зголемување на грчки инвестиции

85

По ратификацијата на Преспанскиот договор и затоплувањето на односите меѓу Македонија и Грција, гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков очекува на краток рок да се зголеми казино туризмот, што според тврдења на бизнисмените од тој сектор, поради пројавениот национализам од грчка страна, досега трпел сериозна штета. Покрај ова, со политичкото стабилизирање Поцков очекува и други бенефити за раздвижување на локалната економија во Гевгелија.

– На среден рок очекувам зголемен број посети од инвеститори од Грција, како од оние со кои ќе продолжат да се финализираат веќе почнатите преговори што беа запрени поради решавањето на спорот со името, така и од нови инвеститори кои охрабрени од подобрувањето на политичката клима меѓу двете земји имаат намера да инвестираат во општина Гевгелија – рече Поцков.

Тој очекува секојдневната меѓусебна комуникација на граѓаните од Гевгелија и прекуграничните општини во Грција да продолжи во исто темпо бидејќи и до сега политиката не беше пречка за тоа.