Поројните дождови деновиве повторно предизвикаа поплавување на Горно маало во Јосифово и тоа беше причина градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, да вети брзо решавање на проблемот по цена и на задолжување на општината.
– Проектната документација за инфраструктурно уредување на Горно маало во Јосифово веќе е готова. Реализацијата на проектот, до сега, ќе биде најголема инвестиција во Јосифово што ќе надмине сума од еден милион евра. Доколку не успееме да обезбедиме средства од централните нивоа на власт, ако треба општината ќе се задолжи за да може во првата половина од оваа година да почне неговата реализација – вели Костадинов.
Од општина Валандово потврдија дека проектот опфаќа изградба на две каскади, одводен атмосферски канал до индустриската зона во Јосифово, мост за влез во селото и улица со тротоари за поврзување на Јосифово со регионалниот пат Валандово – Удово.