Во Чикаго постудено одошто на Антарктикот!

70

До крајот на неделава делови од САД ќе ги зафатат многу ниски температури кои ќе се спуштат на минус 53 степени, предупредуваат метеоролозите.

Најстудено се предвидува да биде денес, а Чикаго ќе биде постуден и од Антарктикот, наведува Би-би-си додавајќи дека таквите ниски температури се јавуваат еднаш во 25 години.

Температурите под нулата значително ќе влијаат врз најмалку 55 милиони луѓе.

Вонредна состојба е прогласена во Висконсин, Мичиген, Илиноис, Алабама и Мисисипи, а властите во Ајова ги предупредија граѓаните за време на својот престој на отворено да не дишат длабоко и да не зборуваат многу.

Илјадници училишта се затворени, главно во северозападниот дел на САД.

Канцеларијата за метеоролошки работи на САД објави дека само 10 минути престој на таков студ може да доведе до сериозни смрзнувања.

По тој повод се јави и претседателот Доналд Трамп, кој напиша на „Твитер“ дека на преубавиот Среден Запад ледените температури достигнуваат до минус 60 степени и дека луѓето не може да издржат повеќе од неколку минути, и покажа дека слабо ги разбира последиците од глобалното затоплување.

„Што се случи со глобалното затоплување? Те молам, врати се бргу, ни требаш“, напиша Трамп.