ОТКРИТИЕ КОЕ СЕ ЧЕКА СО ВЕКОВИ: Археолозите на чекор од гробницата на Клеопатра и Антоние

322

Според д-р Захи Хавас, светски познатиот археолог и поранешен египетски државен министер за антиквитети, гробот на најпознатите љубовници од античкиот свет Клеопатра и Марко Антоние, најверојатно, ќе биде откриен наскоро поради неодамнешните ископувања во Тапоширис Магна, во близина на Александрија, предводени од Кетлин Мартинез. “Се надевам дека ќе го најдеме гробот на Антоние и Клеопатра наскоро. Верувам дека тие се погребани во ист гроб. Ние сме многу блиску до откривањето на точната локација на гробот, на вистинскиот пат сме”, изјавил Хавас.

Голем број странски медиуми деновиве ја пренесоа веста дека е откриен гробот на Антоние и Клеопатра за време на истражувањата во Тапоширис Магна, во Египет. За жал, оваа информација, според упатените, не е точна иако постои голема веројатност тоа да се случи наскоро. Имено, според д-р Захи Хавас, светски познатиот археолог и поранешен египетски државен министер за антиквитети,
гробот, најверојатно, ќе биде откриен наскоро поради неодамнешните ископувања во Тапоширис Магна, во близина на Александрија, предводени од Кетлин Мартинез.

“Се надевам дека ќе го најдеме гробот на Антоние и Клеопатра наскоро. Верувам дека тие се погребани во истиот гроб. Ние сме многу блиску до откривањето на точната локација на гробот, на вистинскиот пат сме”, изјавил Хавас на конференцијата во Палермо, Италија, на почетокот на месецот.
Гробот на Антоние и Клеопатра бил предмет на интерес и на археолозите и на научниците со векови, а нивната репутација како најмоќните љубовници на античката историја е овековечен и во Шекспировата трагедија “Антоние и Клеопатра”.

Клеопатра, родена 69. година пр. н.е. била припадничка на Птоломејската династија која владеела со Стариот Египет, т.е. наследничка на еден од генералите на Александар Македонски кој ја презел контролата врз Египет по неговата смрт. Таа е последниот монарх на Птоломејското кралство, владеејќи со Египет од 51 година до 30 година пред н.е., најнапред како совладетел на својот брат и маж Птоломеј 13 кој наскоро завладеал сам, но мошне кратко. Имено, Јулиј Цезар го победува и ја враќа Клеопатра на престолот. Потоа таа се омажила за својот втор брат, кому му го препуштила владеењето зашто во меѓувреме му станала љубовница на Цезар, кој ја повел во Рим (од 46г. пр.н.е. до 44г. пр.н.е.). Враќајќи се во Египет, наредила да го убијат Птомолеј 14 за да го земе за совладетел својот син Цезарион, кому татко му бил, како што тврдела, Цезар.

Закопани заедно


По атентатот на римскиот император Јулие Цезар во 44 година пред н.е, таа станала љубовница на римскиот војсководец и миленик на Цезар, Марко Антоние, кому му родила три деца. По смртта на Цезар, Антоние се здружил со двајца негови најголеми сојузници Октавијан и Марко Аемилие Лепидом. Меѓутоа, оптоварени со своето его и амбиција, Октавијан и Антоние влегле во низа граѓански војни еден против друг. Одлучниот удар за Антоние и Клеопатра дошол со битката за Актиум – во 31 година пред н.е., кога Октавијан победил и царството му било во рака. Бидејќи други опции не им преостанале, љубавниците избегале во Египет, кој е нападнат веднаш уште следната година.

Според она што е познато, Антоние се самоубил во 30 година откако погрешно поверувал дека Клеопатра си го одзела животот поради поразот, по што и самата кралица решила да изврши самоубиство со труење со змиски отров. Грчко-римскиот историчар Плутарх напишал дека Антоние и Клеопатра биле погребани заедно, меѓутоа локацијата на нивната гробница никогаш не е пронајдена.
Сепак, во 2009-та, дошло до напредок во истражувањата. Археолозите, вклучувајќи го и Захи Хавас, откриле низа артефакти во храмот Тапоширис Магна, кои укажуваат дека гробницата на познатите љубавници е блиску. Ископани се и бројни монети со името на Клеопатра и ликот за кој се верува дека е Антоние. Иако поминале десет години, според коментарите на Хавас постои голема надеж дека археолозите се блиску до откритието.

Клеопатра била интелигентна, но не и убава?!
Се верува дека една од најпознатите двојки на светот, Марко Антониј и Клеопатра, не биле ниту приближно толку убави колку што се прикажуваат на холивудското платно. Имено, на паричката од 32-та година пред новата ера, Клеопатра не изгледа воопшто убаво – остар нос, тенки усни и шилеста брада. Ниту малку не наликувала на познатата глумица во филмот “Клеопатра” од 1963 година, Елизабет Тејлор. Марко Антониј, пак, чиј лик го играл познатиот глумец Ричард Бартон, имал сплескан нос и премногу дебел врат. Во секој случај нивниот изглед не бил многу далеку од оној кој го опишал Шекспир во 1608 година.

Римските писатели, пак, ја опишувале Клеопатра како многу интелигентна и харизматична жена со заводлив глас, но никаде не се споменува нејзината убавина…