Утре, премиерно во Драмски: “Крал Иби“ – бескрупулозно до врвот

140

“Преку овој централен карактер, познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира неговата слика за современиот човек, а акцент става на моќта за власт како ‘болест’ во модерниот свет“, посочува Васил Христов, во чија адаптација и режија, по истоимениот текст на францускиот автор Алфред Жари, утревечер (23 јануари), со почеток од 20 часот во Драмски театар, премиерно ќе се прикаже претставата “Крал Иби“

“‘Крал Иби’ е метафора за современиот човек, кој е прикажан како грд, вулгарен, алчен грандиозен, нечесен, глупав, незрел, зол и кукавица. Преку главниот протагонист Татко Иби во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот ‘Магбет’, плашливецот Крал Иби, претставникот на буржоазијата е прикажан како некој кој бескрупулозно гази се пред себе за да ги достигне своите цели. Преку овој централен карактер, познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира неговата слика за современиот човек, а акцент става на моќта за власт како „болест“ во модерниот свет“, посочува Васил Христов, во чија адаптација и режија, по истоимениот текст на францускиот автор Алфред Жари, утревечер (23 јануари), со почеток од 20 часот во Драмски театар, премиерно ќе се прикаже претставата “Крал Иби“.

“Тенденцијата, моја лична и во разговор со актерите беше со оваа претстава да направиме исчекор во вообичаениот театарски јазик кај нас, но не како експеримент или авангарда. Во претствата имаме еден колажен пристап, што значи во една сцена е комедија до степен на карикатура, а во друга сцена таа оди до трагедија со гротеска, односно склопивме жанровски и стилски форми кои делуваат како оправдана целина, што е многу тешко да се одигра“, истакна режисерот Христов на денешната прес-конференција на која ја најави премиерата. Тој за првпат работи со ансамбалот на Драмски театар и во оваа институција, но и по долг период се враќа на институционалниот театар.

Според актерот Игор Ангелов, кој го толкува ликот на Иби, актерската екипа завршила со еден комплексен проект во кој создала еден свој свет, кој се надева дека сега ќе допре и до публиката.

“Од многу страни текстови се збрани и драматуршки е многу тешко да се изоди овој пат, но со многу енергија и констатно играње на сцена, оваа претстава има многу работи да каже“, посочи актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска.

За Зоран Љутков, пак, претставата до публиката ќе се допре многу лесно бидејќи таа ќе препознае како незнаењето стигнува до врвот на политичката моќ, нешто што како општество ни се случува подолго време, како и тоа дека успешните во својата професија се легнати под стапалото на неуспешните, а тие доаѓаат до врвот на таа политичка моќ, што за жал се уште се случува. “Но онака како што е поставена претствата, сепак дава некоја надеж и веројатно ќе покаже дека можеби некогаш нешто ќе се смени“, додаде Љутков.

Како што посочи актерката Софија Куновска, пак, ова е втора поставка на “Крал Иби“ во Драмски. “Овој пат ‘Крал Иби’ се поставува со поинаква естетика, со значаен софистициран хумор, претстава која на поинаков начин освестува разни проблеми. Тежок материјал кој се обидуваме на поинаков начин да и го доближиме на публиката“, ќе истакне Куновска.

Инаку, во претставата цитати се употребени од повеќе познати драми на Шекспир, меѓу кои “Магбет“, “Ричард Трети“, “Хамлет“, и таа има забавен, неочекуван и необичен старт, во кој на публиката и се дава еден вид “упатство за гледање“…

Во претставата улогите ги толкуваат и Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска Лаковски, Маја Вељковиќ Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев. Сценографијата е на Тодор Даевски и Васил Христов, костимографијата на Розе Трајчевска Ристовска, дизајнот на светлото е на Ѕвездан Миљковиќ. (Н.И.Т.)