Започнаа подготовките за спроведување на двојазичноста. Вицепремиерот Бујар Османи заедно со функционерите од ДУИ прават план за имплементација на Закон за јазици.
Предвидено е целата процедура да заврши во законскиот рок од шест месеци, па затоа планот ќе се разгледува на првата владина седница. Османи вели операцијата е сложена и за неа ќе биде потребни нови вработувања и дополнителни трошоци. За разлика од вицепремиерот, Владата со контра став. Нови вработувања нема да има. Преку соопштение Владата тврди дека не се предвидени нови работни места, а новите институции – инспекторатот и институтот кои најпрво ќе треба Собранието да ги формира, ќе се екипираат од постоечки кадри.
Новиот закон за јазици најмногу промени ќе донесе на централно ниво. Албанскиот јазик како службен се користи во Собрание, а со новиот закон ќе се користи и во Влада, министерства, државни организации, претпријатија, управи, агенции. Што значи дека и во градовите каде што има помалку од 20% Албанци, институциите кои се државни, а не општински – ќе бидат двојазични.
Во локалните институции пак, Албанците, но и припадниците на другите етнички заедници ќе можат да се обратат и да побараат одговор на својот мајчин јазик. Двојазични ќе бидат униформите на полицајците, здравствените работници и на пожарникарите, во општините кои се двојазични. Парите и поштенските марки, пак ќе содржат албански симболи.
Двојазични ќе бидат и таблите на граничните премини кои се на двојазична општина, додека пак неизвесно е што ќе пишува на таблите на аеродромите.
Се појавија и првите дилеми за Законот за употреба на јазиците. Два члена од законот ќе бидат испратени до Венецијанската комисија за проценка. Османи, вели дека станува збор за двојазичноста на униформите на војската и банкнотите.
– До Венециската комисија ќе се испратат двата члена од Законот кои се повлечени од сегашниот закон. Тоа е употребата на двојазичноста на униформите на војската и банкнотите, кои беа оспорени од политичките партии, дали се уставни или не. Овие две одредби од законот ќе бидат испратени до Венецијанската комисија за проценка – рече Османи.
Во записникот од 20. владина седница, на која беше усвоен предлог-законот за употреба на јазиците, се вели дека предлог-законот ќе биде испратен за консултации во Венецијанската комисија.
Владата заклучи Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи да побара мислење од Венецијанската комисија за текстот на законот и отворените прашања кои не се дел од овој закон, по усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија.