За да доживееме среќа, постигнеме успех и оствариме мир, неопходно е да утврдиме кон какви вредности се движиме и што правиме за да го оствариме тоа што го посакуваме. Прашањето не се однесува само на индивидуалниот пат кон среќата, мирот и успехот, туку и на колективната определба овие категории да станат концепт на живеење, во кој општествениот напредок наместо да биде наша илузија, конечно ќе стане долгоочекувана реалност.
Не може да постои среќно, напредно и успешно општество, ако во него не егзистираат самосвесни, позитивни, одговорни, верни на должноста и работно ангажирани поединци. Кога секој влече на своја страна и не води сметка за колективниот напредок, тогаш нема основа да се надеваме дека нештата ќе тргнат кон подобро, а среќата, мирот и успехот ќе станат наше секојдневие. Причините за индивидуалната и колективна стагнација можеме да ги бараме на различни страни и во разни нешта, но едно е сигурно – секој ќе го добие тоа што го заслужува, некој порано, а друг подоцна ќе се соочи со последиците од своето дејствување.
Ако не сакаме животот да ни помине во постојана борба, неизвесност и исчекување на хармонијата и позитивните вредности, ќе мора повеќе да работиме на самите себе, духовно и интелектуално да се воздигнеме и да создадеме предуслови за градење праведно, здраво и напредно општество. Затоа, секој од нас треба да си ги постави прашањата:
Каде одам; какви вредности негувам; за што се застапувам; колку придонесувам за самиот себе и за другите; дали ја извршувам својата професионална должност или гледам од се да искористам; кому служам и за какви центри одработувам; какви морални начела практикувам; дали зрачам со љубов и уживам во малите радости на животот; што ме прави среќен, смирен и опуштен итн.
Решението никогаш нема да го пронајдеме ако наместо добрите примери, наши идоли станат алчните и негативни личности; ако прифатиме дека сите се исти и веруваме дека секој ќе краде, лаже и искористува кога ќе добие можност за тоа; ако размислуваме дека е нормално да изневеруваш, да правиш прељуби и да уживаш во ниските страсти на телото; ако сметаме дека не е битна благосостојбата на народот и напредокот на државата, туку најбитно е да исцрпиме се што можеме од колективните добра и да ги обезбедиме поколенијата со неброени вреќи нечесно заработени пари; ако профитот го ставиме над се, без оглед дали поради тоа ќе страда здравјето на децата, на повозрасните, односно на консументите и пациентите; ако дозволиме да продолжи атмосферското и културолошко загадување и ширење на реата на невкусот, шундот и декаденцијата како стил на нормално живеење; ако ја деградираме здравата клетка на семејството и ја уништиме вредноста на чистиот образ, моралот и сочувството. Сите овие нешта не туркаат кон провалијата на опстојувањето, бидејќи не умееме да застанеме и кажеме стоп на личниот и колективен синдром на себеуништувањето.
Главното прашање е каде тоа ние одиме и кон какви вредности се движиме, ако притоа го загубиме мирот во душата, го изопачиме чувството за сродност и хуманост и се оддалечиме од духовната и национална посебност?
Аристотел има кажано дека среќата, мирот и хармонијата им припаѓаат на оние кои се задоволни сами од себе. Дали ние сме задоволни таму каде што сме, што преземаме да ги промениме нештата и колку вложуваме во личниот развој, духовната вредност и моралот на личноста? Одговорот може да биде поразителен за многумина, кои вредноста ја наоѓаат во ниските побуди, површните цели и тесните интереси.
Трчајќи по разни телесни и материјални задоволства, сите ние како да заборавивме на вистинскиот миг на среќата, мирот и хармонијата. Нервозното темпо на живеење, борбата за преживување, егзистенцијалната неизвесност и погрешната вредностна ориентација: “Ако не му припаѓаш на естаблишментот, не си материјално реализиран, високо позициониран или под партиска заштита – ти си никој и ништо”, сериозно го загрозија духовниот мир на луѓето. Овие наметнати правила на игра создадоа армија фрустрирани поединци, кои стануваат се понесреќни, растроени и зависни од водството на економските експлоататори и политички моќници.
Врз сите нас катадневно се надвиснати големи очекувања, а мали реализации, кои заедно со зависноста од надворешните фактори предизвикаа чувство на изневереност, незадоволство, губење на внатрешниот мир и сигурноста на животот.
Наместо да се радуваат што постојат и ја имаат можноста на достоинствен и позитивен начин да ја креираат својата судбина, најголемиот број од луѓето се понагласено го чувствуваат товарот на животот врз своите плеќи, незнаејќи каде да се свртат, кон што да тргнат и за што да се одлучат. Подјармени, заборавени и оставени на милост и немилост на разните моќници, кои со години им го определуваат степенот на слобода и квалитетот на животот, многумина почнаа се подлабоко да тонат во бездната на духовната неосвестеност, замаеност и подвоеност.
Кога не умееме да се избориме за дигнитетот на својата личност и да го подигнеме гласот против неправдите и ударите на негативците, тогаш интелигибилните сили на универзумот ќе дигнат раце од нас и нема да ни помогнат кога тоа ќе ни биде најпотребно. Во народните умотворби е запишано: “Ако самиот не си помогнеш, ни Бог нема да ти помогне”.
Секој од нас треба да си даде шанса самиот на себе, доколку сака и среќата да му даде шанса – животот да го подигне кон повисоките стадиуми на постоењето. Вака, испадна дека сите ние го добиваме тоа што го заслужуваме. Дали ќе добиеме повеќе, зависи и од подготвеноста духовно да прогледаме и направиме се што е потребно работите да тргнат кон позитивниот правец на животот. Концептот на среќата за секого е индивидуална категорија – таа зависи од неговата способност да ги забележи и негува позитивните можности на постоењето. Некои поединци, кои се опсесивно водени од волјата за моќ, славата, ниските страсти, егото и парите како да заборавија на најсуштинската вредност – душата, без која животот станува празен, бесмислен и духовно непостоечки.
Бездушноста е патоказ кој води кон суровото, алчно, неморално и себедеградирачко постоење. Да се уништува вредното, да се негира моралното, да се заборава на човечкото претставува пат кон ништожното и влез во темното.
Добро е самите да одлучуваме за својата животна определба, зашто на тој начин и лично ќе ја сносиме одговорноста за постапките кои ги спроведуваме. Лошо е кога некои други ќе ни определат како да размислуваме, постапуваме и живееме, без притоа да умеат самите да се водат и себекреираат низ благородните патеки на животот.
Кога од неукиот бараме совет; од изгубениот очекуваме водство; од материјално заслепениот чекаме духовно да не просветли и да ни го покаже патот кон мирот, среќата и хармонијата, тогаш или премногу ќе се изначекаме или никогаш нема да успееме да се извлечеме од амбисот во кој се наоѓаме.
Судбината е таква, каква што ние со својот ум, дух и душа ја создаваме. Кога доброволно дозволуваме умот да ни го исперат манипулантите; духот да ни го затупат неосвестените; душата да ни ја загадат нечестивите, и сето тоа поради лични цели и себични побуди, тогаш треба да се запрашаме себеси: Дали ние заслужуваме подобра судбина од таа што ја имаме?
Каква ни е енергијата, таков ни е и изборот и состојбата на животот. Кога изборот е негативна енергија, себичност, алчност, лага и неморал, тогаш каква може да ни биде перспективата. Германскиот филозоф Јохан Фихте има кажано:
“Со што се храниш, таков стануваш“. Ако се храниме со негативното, го практикуваме неморалното, го живееме лажното и му се предаваме на нечестивото, тогаш не треба да се чудиме што на колективен план се побрзо тонеме кон ништожното.
Да се немаме себеси е знак дека не можеме позитивно да се поврземе и со другите. Кога не сме во хармонична симбиоза со другите, тогаш загубено и осамено талкаме низ опустошените оази на животот. Тогаш мислиме дека постоиме, а всушност не постоиме, туку вегетираме или глумиме постоење. Херман Хесе има кажано: “Секој човек има само една вистинска цел – да го најде патот до себе си и до сопствената судбина и неа да ја живее целосно и решително.
Се друго би било само божемно постоење, обид за избегнување, враќање на идеалите на широките маси, едноумието и стравот од сопствената суштина”.
Значи, време е да ја преземеме судбината во своите раце, да го најдеме патот до себе, да го подигнеме духот и да сфатиме дека човекот не е пуст остров доволен на самиот себе. Тој е социјално битие кое е должно да создаде мир со себеси, да изгради среќа во семејството и да поттикне хармоничен напредок во општеството.
Промената е чин на мигот – таа никогаш не доаѓа од случајноста, туку од напорното и посветено работење. Кога размислуваме за среќата, вложуваме во вредноста, се насочуваме кон љубовта, тогаш мирот и радоста ќе станат наша судбина и единствена вистина за која вреди да постоиме.
Заклучокот е дека во животот три нешта се најзначајни – да бидеме вљубени, среќни и духовно реализирани. Тоа ќе го постигнеме, ако знаеме каде одиме, со кого се дружиме, колку вредиме и какви вредностни начела градиме за самите себеси, за семејството на кое му припаѓаме и за општеството во кое живееме.