Димовски ги прими копиите од акредитивните писма на новите амбасадори на Естонија, Гана, Уганда и на Малта

80

Во Министерството за надворешни работи, државниот секретар Виктор Димовски денеска ги прими копиите од акредитивните писма на вонредните и ополномоштени амбасадори во Република Македонија на Република Естонија со седиште во Будимпешта, Кристи Карелсон, на Република Гана со седиште во Прага, Вирџинија Хесе, на Република Уганда Елизабет Паула Напејоккако и на Суверениот Воен Ред на Малта со седиште во Рим, Франческо Саверио Џусти.

Како што соопшти МНР, во оваа прилика, државниот секретар Димовски ѝ посака успешна мисија на новата естонска амбасадорка, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Естонија.

Амбасадорот Карелсон се заблагодарила за поддршката и изразила подготвеност за зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес и натамошно зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.

На средбата се разговарало и за досегашната билатерална и мултилатерална соработка и можностите за нејзино унапредување. Притоа, биле истакнати приоритетите на Република Македонија во рамките на внатрешната и надворешната политика и биле разменети мислења за актуелни регионални и меѓународни прашања.

За време на средбата со новоименуваната амбасадорка на Гана, Димовски и посака добредојде, пренесувајќи ја целосната подготвеност на македонската страна за продолжување и продлабочување на односите и соработката со Република Гана во сите сфери од заемен интерес.

Димовски информирал за приоритетите на Република Македонија на меѓународен план, а биле разменети и мислења за актуелни регионални и меѓународни прашања.

Амбасадорката Хесе, се посочува, го нагласила интересот за оформување на правната рамка и унапредување на билатералната соработка и најавила интерес за отворање на почесен конзулат во Република Македонија.

-Двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка на мултилатерален план и ја истакнаа подготвеноста за унапредување на севкупната соработка во сите области од взаемен интерес во наредниот период, стои во соопштението од МНР.

Државниот секретар Димовски, денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Уганда за Република Македонија, Елизабет Паула Напејок, при тоа, посакувајќи и добредојде ја пренесе целосната подготвеност на македонската страна за продолжување и продлабочување на односите и билатералната соработката во сите сфери од заемен интерес. Димовски информирал за приоритетите на Република Македонија на меѓународен план, а биле разменети и мислења за актуелни регионални и меѓународни прашања.

Амбасадорката Напејок го истакна интересот на нејзината земја за воспоставување соработка на економски план и посебно во областа на трговијата и туризмот, како и за отпочнување на универзитетска соработка.

При приемот на копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Суверениот воен болнички ред на Свети Јован од Ерусалим, Родос и Малта за Република Македонија со седиште во Рим, Франческо Саверио Џусти, Димовски изразил задоволството од досега воспоставените пријателски односи и заложби за нивно натамошно унапредување.

-Двајцата соговорници ја констатираа важноста на хуманитарната мисија на Суверениот Воен Ред на Малта во Република Македонија во изминатите дваесетина години, споделувајќи заеднички културни и цивилизациски вредности. Обострано беше истакната улогата и значењето на мултилатералната дипломатија на Редот во глобалните хуманитарни активности во полза на болните и сиромашните, што е важен придонес во постигнувањето на Милениумските развојни цели на ОН, стои во соопштението.