ТЕЧАТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ВОДИЦИ НИЗ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА: Верници ќе се скокаат по крстот во река или езеро, а некаде и во базен

127

Во пресрет на големиот христијански празник Богојавление – Водици, во сите епархии на МПЦ-ОА ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да учествуваат во обичајот за извлекување на крстот од водите во реките, езерата или пак, во базени.

Епархијата Повардарска до сабота ќе ги има отворено вратите за пријавување на заинтересираните православни христијани кои во сабота на Водици ќе влезат во водите на реката Вардар да го фатат чесниот и животворен крст. Крстот од “Мало мовче” ќе го фрли владиката Повардарски Агатангел. Освен од “Мало мовче” претходно крстот се фрлаше и од мостот “Гемиџии” и од балконот на Епархијата Повардарска, а пред триесетина години традицијата се изведувала во дворот на црквата “Свети Пантелејмон” во Велес.

– Последниве години во просек по крстот во водите на Вардар влегувале околу 100 лица. Лани по крстот се фрлиле 76 лица, меѓу кои за првпат била и една девојка. Имало случаи по крстот во водите на Вардар во Велес да запливаат и над стотина заинтересирани православни христијани од градот – информираат од Епархијата Повардарска.

Прославата ќе започне во 8 часот во црквата “Св. Спас” со света Божествена литургија, а потоа ќе продолжи со Литија од црквата до “Мало мовче”.

Во тек е пријавувањето за Богојавленскиот обичај и во Крива Паланка. Од Кумановско-Осоговската епархија, кривопаланечкото архиерејско намесништво ги повикаа сите заинтересирани граѓани кои ќе учествуваат во обичајот за извлекување на крстот од водите на Крива Река да се пријават во соборниот храм Св.Великомаченик Димитриј. Во сабота ќе се одржи литургија во црковниот храм “Св. Димитриј”, по што поворката со литијата ќе се упати кон големиот мост на Крива Река. Чинот на осветување на водите на реката е предвидено да започне во десет часот.

Иницијативниот одбор за прослава на Водици во Гостивар ги врши последните подготовки и започна со традиционалното врзување на врвките. Годинава, прославата на Богојавление се организира петти пат по речиси седум децениски прекин. За празникот ќе има света литургија што ќе се служи во соборната црква “Пресвета Богородица”, од каде што ќе тргне и литијата по градските улици до кејот на Вардар, каде митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф ќе изврши водосвет и положувањето на светиот крст. Минатата година, крстот од водите на Вардар го извади Душко Милошески.

И пехчевци се подготвуваат за Водици. Од општината информираат дека во тек е пријавувањето на верниците кои ќе решат да скокнат по крстот во водите на реката Писа.

– Во црквата “Св. Петар и Павле” ќе се одржи света божествена литургија со почеток во 8 часот, додека чинот на фрлањето на светиот крст во водата на реката Писа е најавено за во 10 часот во центарот на Пехчево. Сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар, истакна Живко Каликов од Општина Пехчево.

Каликов додава дека за најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст предвидени се награди од градоначалникот на Општина Пехчево и црквата “Свети Петар и Павле”.

– Како што е и традицијата, оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати крстот во реката Писа, од локалната самоуправа ќе добие ЛЦД-телевизор, а за многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа и оваа година обезбеди бесплатни топли пијалаци за сите присутни, додава Каликов.

Богојавленскиот водосвет во Кратово ќе се одржи на градскиот базен со почеток во единаесет часот. Водосветот ќе го спроведе клирот од Кумановско-осоговската епархија. Настанот е под покровителство на Општина Кратово, а од локалната самоуправа ги известуваат сите заинтересирани граѓани за учество во обичајот, да се пријават во просториите на општината најдоцна до петок, 18 јануари, до 14 часот. За посетителите на овој традиционален настан локалната самоуправа ќе обезбеди топли напитоци, а за најсреќниот граѓанин, кој ќе го извади крстот од осветените води, обезбедена е и награда.

Богојавленско пливање по чесниот крст во Гевгелија ќе се одржи на реката Вардар. Во организација на гевгелиското архиерејско намесништво кај мостот на Вардар ќе се одржи традиционалното пливање по чесниот крст. Заинтересираните граѓани за учество на манифестацијата “Водици 2019”, заклучно до 18 јануари, се пријавуваат во просториите на црквата “Свети Кирил и Методиј” или во манастирот “Свети Спас” во Гевгелија. Од гевгелиското архиерејско намесништво велат дека за сите пријавени кандидати на денот на Богојавленското пливање по чесниот крст ќе биде организиран бесплатен лекарски преглед од страна на две екипи од Општата болница во Гевгелија и дека поради регуларност на пливањето, кандидатите по крстот ќе се фрлаат од левиот брег на реката Вардар, каде некогаш се наоѓаше градскиот базен.

Во Струга спуштањето на светиот крст ќе биде во водите на реката Црн Дрим од 11 часот од Чаршискиот мост, а ќе го изврши митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј. Претходно во црквата “Свети Ѓорѓи” ќе се одржи утринска богослужба и литургија, а во 10 часот и 30 минути верниците ќе тргнат кон мостот. Пријавувањето на капачите ќе биде в сабота во 9 часот пред хотелот “Београд”. Среќниот фаќач на светиот крст ќе биде даруван со пригодни подароци од годинашниот кум на манифестацијата и спонзори.